Балканскиот шмек на американските избори и бугарската „братска“ блокада на Македонија беа темите во денешниот „Стадион“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/7/20 1:46 PM

Балканскиот шмек на американските избори и бугарската „братска“ блокада на Македонија беа темите во денешниот „Стадион“

Претседателските збори во САД и бугарската блокада на македонските евроинтеграции беа централните теми во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“. Новинарска ретроспектива на случувањата на тој план во изминатите денови имаше Весна Коловска, а гостин на водителот на емисијата Столе Наумов му беше професорот на Правниот факултет на УКИМ и поранешен вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор во САД, Васко Наумовски.

– Ова што се случува во САД, а ќе се случува и во наредните денови, беше за очекување. Претходно имаше многу протести, потоа жестока кампања и вжештена атмосфера, па и физичи пресметки помеѓу претставици на двата табора. Ова е своевиден балкански шмек на американските избори. За многумина беше тешко да се претпостави дека во земја која се претставува како најдемократската држава во светот може да се случуваат такви нешта. Бајден во моментот има поголеми шанси за влез во Белата куќа. Но, во некои сојузни држави разликата помеѓу двајцата кандидати е помала од еден отсто, па веројатно Трамп таму ќе бара повторно пребројување на гласовите. Дополнително, некаде уште се пребројуваат гласовите што стигнаа по пошта, чиј број на овие избори стигна дури до сто милиони, а овде е и пребројувањето на гласовите на Американците во странство, а кои, на пример во Пенсилванија, се чекаат до седум дена – рече Наумовски.

Наумовски нагласи и оти кој и да биде избран за претседател, американската политика кон Балканот и Македонија тешко е да се очекува оти ќе се промени. Во 1990-тите САД биле поприсутни на Балканот во решавањето на конфликтите на просторите на поранешна СФРЈ, заклучно со косвската криза. Потоа, особено во двата мандата на Обама и едниот на Трамп, имало своевидно повлекување од Балканот. Наумовски додаде и оти, и покрај најавите, немало поголеми промени и свртувања во последните четири години на американската политика кон Македонија, па ќе останело да паметиме дека во времето кога републиканец (Буш) бил претседател, САД ја признаа Македонија под уставното име, а кога прв човек беше демократ (Клинтон) прв и единствен пат американски претседател ја посети Македонија. Наумовски се осврна и на бугарската блокада на македонскиот пат кон ЕУ.

– Ова што во последните седмици го прави Бугарија е неразбирливо за европјаните. Не е во контекст на заштита на заедничките европски вредности и не е во согласност се претходните најави од Бугарија за нејзина заложба за побрза интеграција во ЕУ на земјите од регионот. Сепак, она што се случува и не може да се каже оти е изненадување, бидејќи такви најави од источниот сосед доаѓаа подолго време. Секако, тоа нема да придонесе за затоплување на односите помеѓу двете држави и двата народа. Напротив, со овој чекор Бугарија работи во корист на сопствената штета – истакна Васко Наумовски.

Активни со коментари беа и слушателите. Еве само некои од поинтересните: „Трамп го отпишаа, Бајден не го запишуваат“; „Да им ги испратиме на Американците нашиве од ДИК да им ги пребројат гласовите“; „Американците полесно бираат туѓи отколку свои претседатели“… Или на втората тема:„Бидејќи сме ’еден народ’, дали бугарското вето треба да се третира како семејно насилство“; „Ветото од братска Бугарија го дочекавме скромно, во кругот на семејството и со строго почитување на мерките за заштита од корона“…

Во вториот дел од денешниот „Стадион“ за маките на нашите иселеници во Германија поврзани со работата на македонските дипломатско-конзуларни претставништва таму зборуваше Петар Наумовски, нашинец на работа во Штутгард, а за една операција на црно со смртен исход и за правосудната постапка поврзана со неа зборуваа адвокатот Иван Лефков и Сулејман Ибрахим, татко на починатиот Булент Ибрахим.