Над 480 потписи од предвидените 500 се собрани во три дена откако беше покрената петицијата по грозоморниот чин од 31 октомври, кога пет часа била тепана, силувана, малтретирана и држена на сила делчевчанка од страна на 24-годишен сограѓанин. Основното јавно обвинителство му поднесе кривична пријава за делото „Силување“ , по што судија на претходна постапка му одреди 30-дневен притвор. Потписниците на петицијата, која потоа ќе биде поднесена до Народниот правобранител и други институции, стравуваат дека сторителот може лесно да извлече за стореното поради тоа што делото „Силување“ е само едно од неколкуте што ги сторил за тие пет часа. Бараат квалификацијата на делото да опфати загрозување на живтотот на жената, како што и всушност реално се случило.
Според првичните информации од СВР Штип, 24-годишникот, кој е повратник од затвор, сред ноќ влегол во куќата во која жената живеела сама по смртта на родителите. Барал пари, накит и други вредни работи, меѓутоа во следните часови до рано наутро, ја претепал, малтретирал, со употреба на сила извршил обљуба и против нејзина воља ја држел. Дури рано утрото, жената успеала да се јави на роднини, кои го пријавиле. Полицијата го фатила и привела.
Делчевачани во иницијативата за петицијата пишуваат дека жителите на општината до сега немаат доживеано таков чин на монстуозност и човечка бруталност врз жена. Сторителот е познат на органите на прогонот по повеќе дела за кои му било судено и лежел затвор.
-Бидејќи авторитетите на правда претходно не успеаја да извршат соодветни правни дејства против сторителот, со богато кривично досие, поради бруталноста на нападот, колективно бараме максимална казна за односното лице. Во наши цврсти верувања е дека ако сторителот добие друга шанса во општеството, ќe изврши слични или полоши злосторства и затоа бараме доживотна казна затвор, стои во петицијата.
Бран од осуда следуваше по случајот што ги вознемири граѓаните. Комисијата за еднакви можности во Општина Делчево побара органите сериозно да пристапат кон делото, бидејќи случајот максимално влијае врз сигурноста и безбедноста на жените и девојките во Делчево.
-Во Делчево не смееме да дозволиме криминални и болни умови да го нарушат мирот, да ја срушат самодовербата на жената, да предизвикаат стигматизација, негативна перцепција и други негативни појави кои ја дискриминираат жената во современото демократско општество, каде зборуваме за човекови права и слободи, реагираше Комисијата.
Осуда следуваше и од градоначалникот Горан Трајковски и од граѓанските организации.