Неверојатни слики: Вселенски бродови, вонземјани или облаци? – ММС
ММС

Објавено на: 11/7/20 8:31 AM

Неверојатни слики: Вселенски бродови, вонземјани или облаци?

Зар не се доволни короната, активните вулкани и финансиската криза, па само уште вонземјани ни’ фалеа, се запрашаа неодамна многумина Индонезијци кога погледнаа кон небото. Се чинело како да дошол судниот ден.

Имено, над планините се појави необичен призор. На прв поглед – доаѓа вселенски брод. И тоа не само еден. На втор поглед, сепак тоа се облаци, иако многу чудни, несекојдневни, во облик на диск, како вселенски бродови.

Ретките НЛО-облаци се формирале преку осум различни индонезиски планини во провинциите Источна и Средна Јава. Ги шокираа жителите што живеат околу осумте планини, пренесува „Јутарњи лист“.

Алдиес (24), девојка што живее во подножјето на планината Ајруно, вели дека облаците ги видела рано наутро и останала збунета.

„Првпат гледам така чудни облаци. Исто како НЛО. Беа навистина прекрасни, па ги фотографирав“, вели девојката.

Тегух Три Сутанто, службеник на метеоролошката станица во Источна Јава изјави дека чудните формации се лентикуларни облаци, а било речиси неверојатно што се појавиле во исто време во повеќе региони.

„Овие облаци укажуваат на турбуленцијата и на вертикални вртежи на ветровите кои се доволно силни и ги прави опасни за ниските летови на пример на хеликоптери во близина на облаците“, рече Сутанто.