Анкета: Мнозинството граѓани веруваат дека македонската Влада нема да попушти пред приситокот од Бугарија – ММС
ММС

Објавено на: 11/6/20 7:45 PM

Анкета: Мнозинството граѓани веруваат дека македонската Влада нема да попушти пред приситокот од Бугарија

Мнозинство од граѓаните во државава веруваат дека Владата нема да попушти пред притисокот од соседна Бугарија. Вкупно 54,7 процнети воопшто или до некаде не се согласуваат со изјавата дека Владата ќе се согласи со се што ќе побара Бугарија, а малку повеќе од третина (37,4 посто) рекле дека целосно или до некаде се согласуваат со таа изјава.

Ова се дел од резултатите од последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма посветена на релациите меѓу Македонија и Бугарија, а во светло на отпочнувањето на преговорите со Европската Унија.

Разлики во одговорите, како што соопштуваат од МЦМС, можат да се видат кај најголемите етнички заедници, па така, 61,3 посто од етничките Македонци воопшто или до некаде не се согласуваат со таа изјава, а од нив, 44,8 отсто воопшто не се согласуваат со оваа изјава, додека 56,6 проценти од испитаниците етнички Албанци рекле дека целосно или до некаде се согласуваат со изјавата.

На прашањето „Што е најмалку прифатливо за вас во односите со Бугарија”, граѓаните најчесто го избирале одговорот „сите се неприфатливи”.

– За речиси една петтина од оние кои решиле да изберат своја црвена линија, најнеприфатливо е признавањето дека Гоце Делчев и припаѓа на Бугарија и на нејзината историја. Потоа, 18,3 посто од граѓаните црвената линија ја поставуваат на постоењето на македонската нација и пред 1944 година, додека за 14,9 проценти е најнеприфатливо да не се употребува терминот „македонски јазик” во ЕУ. За 45 проценти од етничките Македонци сите изјави се неприфатливи. На второ место е припадноста на Гоце Делчев која е најважна за 34 посто од испитаниците, а потоа е постоењето на македонската нација која е црвена линија за 25,3 проценти од граѓаните Македонци. Најголем број од етничките Албанци (30,7 отсто), црвената линија ја поставиле на македонскиот јазик во ЕУ, а веднаш потоа е постоењето на македонската нација (23,2 посто), се наведува во соопштението.

Анкетата опфатила и неколку економски прашања. Како што посочија од МЦСМ, поделени се мислења на граѓаните во поглед третманот на националните власти и институциите низ годините на развојот на Коридорите 8 (Бугарија-Албанија) и 10 (Србија- Грција).

– Вкупно 44,2 посто се согласуваат дека третманот бил фер и подеднаков, додека 42,4 проценти не се согласуваат со тоа. Мнозинство од испитаниците (52,4 посто) сметаат дека националните власти и институциите фер и подеднакво се однесуваат кон фирми, банки и економски иницијативи од Бугарија наспроти другите соседи. Наспроти нив, над една третина односно 35проценти не се согласуваат со таа констатација, наведуваат во соопштението.

За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Анкетирањето на граѓаните е направено преку телефонска анкета во периодот од 31 октомври до 5 ноември 2020 година. Анкетата е направена на национално репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години.

– Ова е првиот дел од анкетата. Вториот дел ќе биде публикуван во текот на следната недела. Истражувањето е дел од проектот „ЕУро Фокус”, што го поддржа проектот „Нордиска поддршка за напредокот на Северна Македонија”, наведуваат од МЦМС.

МИА