Хашим Тачи в понеделник пред судот во Хаг – ММС
ММС

Објавено на: 11/6/20 7:00 PM

Хашим Тачи в понеделник пред судот во Хаг

Првото излегување на Хашим Тачи во судницата во Хаг ќе биде в понеделник, 9 ноември, соопштија од Специјализираните совети на Косово во Хаг. Како што се наведува, обвинението против Тачи е потврдено на 26 октомври годинава. Специјализираното обвинителство го уапси обвинетиот на 5 ноември, а потоа истиот ден беше префрлен во притворското одделение на Специјализираните совети во Хаг.

Во обвинението Хашим Тачи се товари за разни видови кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото според меѓународното право.

Првото појавување на Хашим Тачи пред судот ќе се одржи на јавна седница. И првото излегување на Јакуп Красниќи во Хаг, е закажано за в понеделник.

Специјализираните совети на Косово во Хаг на 5 ноември објавија обвинение против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, кои на 4 и 5 ноември по приведувањето се донесени во притворското одделение на Специјализираните совети на Косово во Хаг“.

Хашим Тачи во четвртокот поднесе оставка од функцијата претседател на Косово, откако беше информиран за потврдување на обвинението против него. И Кадри Весели и Реџеп Селими доброволно се предадоа. Јакуп Красниќи беше приведен во Приштина во средата и пренесен е во Хаг.