Тригодишното девојче Ајда Ѓезгин кое од под урнатините, по земјотресот во Измир во Турција, беше извлечено по 91 час, го заврши лекувањето на одделот за интензивна нега и е префрлено на Одделот за детска хирургија, пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Земјотресот со јачина од 6,6 степени по Рихтер пред седум дена го погоди Измир и соседните региони, а и потоа во тој регион се регистрирани 1.621 потресувања на тлото, од кои 44 беа посилни од четири степени по Рихтер.
Лекувањето на Ајда, која тимовите за трагање и спасување ја спасија од под урнатините, започна на 3 ноември на Одделот за интензивно лекување на Универзитетската детска болница Еге.
Ајда, која вчера ја посети министерот за здравство, Фахретин Коџа, е префрлена во посебна соба на Одделот за детска хирургија на Универзитетската болница Еге во раните утрински часови.
Виталните функции на девојчето се вратија во нормала.
Меѓу спасените од урнатините е и 14 годишната Идил Сирин, која е спасена 58 часа по земјотресот. По спасувањето е утврдено дека е позитивна на Ковид-19 и се наоѓа на лекување.
Хоспитализиран е и понатаму се лекува и Ѓунај Озисик, кој е спасен десет часа по земјотресот кој го погоди Измир на турскиот брег на Егејското море.
Меѓу спасените е и 17 годишната Инџи Окан, која е спасена по 17 часа. Таа го заврши лекувањето на одделот за интензивна нега.
Елиф Перинчек, која е спасена 65 часа по земјотресот, се сретна со својата мајка, браќа и сестри, кои се спасени од земјотресот на 3 ноември.