До Општинската изборна комисија досега кандидатури поднеле Трајче Митев кој настапува како независен, Лазар Наумов од ТМРО и Сашко Николов од СДСМ.
Претседателката на ОИК-Штип, Сенка Андреева за МИА вели дека до денеска се пристигнати овие три кандидатури.
-Рокот за доставување на кандидатурите за избор на градоначалник на Општина Штип истекува утре на полноќ. Општинската изборна комисија е отворена и ќе имаме дежурна екипа, која ќе ги чека оние кои сакаат да се кандидираат, вели Андреева.
Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ велат дека утре ќе имаат нов состанок на Извршниот комитет. Тие јавно побараа да се одложат изборите за градоначалник на Штип и Пласница поради актуелната состојба со коронавирусот. На состанокот ќе ги разгледат сите опции и како што велат внимателно ќе донесат одлука.
Изборите за градоначалник во Штип и Пласница треба да се одржат на 13 декември, а вториот изборен круг е на неколку дена пред Нова година, односно на 27 декември. Граѓаните ќе гласаат според здравствените протоколи, кои важеа и за предвремените парламентарни избори, кои се одржаа во јули.