За да ја насмееш публиката во „колевката на хуморот“, навистина треба да си посебен. Владислав Влад Илиќ од Македонија, која според него е толку мала што дури на „Тиндер“ сите се познаваат, со неговиот хумор ја импресионираше англиската публика и стана популарен на социјалните мрежи.
За mms.mk, Владислав (како познатата песна на Haddaway, Vladislav, baby don’t hurt me…) ни раскажа како од факултетските клупи на Филолошкиот факултет во Скопје завршил во Лондон и во соработка со „BBC“ на нивниот комедиски проект „Stand up for live comedy”, за неговите почетоци со неговата тогашна девојка, сега вереница Лариса, во туѓа дотогаш непозната земја.
Со Влад зборувавме и за неговите идоли помеѓу комичарите, стенд-ап стилот кој го негува и преферира, но и за јазичната бариера при изнесувањето на шегите и побаравме одговор на прашањето „дали претераната политичка коректност го убива хуморот?“
Од каде вие во Лондон и како започнавте со стенд-ап комедија?
-Првпат изустив неколку шеги на еден импровизиран настап во еден мал кафе-бар во Куманово. Супер беше, ама не ја сфатив работата сериозно зашто бев тинејџер и единственото нешто за кое размислував тогаш беше како да си фатам девојка.
Потоа студирав во Скопје на Филолошки, но планирав да заминам за Америка, тоа не ми успеа, аплицирав да студирам во Англија но тоа стана многу скапо и на крај заминав за Малта.
Таму ја запознав мојата вереница Лариса, дипломиран актер од драмската академија за уметности во Лос Анџелес. При завршувањето на студиите во Малта, имав неколку стенд-ап настапи и пријателите и партнерот – сите ме охрабруваа да продолжам во оваа насока. Размислив добро иако не беше тоа тежок избор бидејќи отсекогаш сум ја сакал позитивната порака зад хуморот и решив сериозно да се посветам на ова.
Сакав да заминам за Лондон бидејќи имаше огромен број места за изведба на комедија и звучеше како голем предизвик. Лариса се согласи и таа самата сакаше да се обиде да глуми таму. Ги завршив студиите, си ги спакувавме куферите и отидовме.
Стигнавме таму со четири куфери и пари колку за една кирија. Почетокот беше тежок и единственото нешто што не држеше таму беше надежта дека ќе ги оствариме нашите сонови.
На кој начин дојдовте до соработка со „BBC“ и нивниот проект „Stand up for live comedy“?
-Главниот уредник на „BBC Comedy“ беше меѓу жирито на еден натпревар, каде победив, во најстариот клуб за комедија во Лондон кој се вика Up the Creek (По теркот на реката: бидејќи беше изграден близу Темза).
Откако бев прогласен за победник, тој ми честиташе и ми кажа дека ретко гледа изведувачи од мојот регион, уште помалку македонски комичар. Ми рече дека би сакал да ме види пак, да останеме во контакт. Си помислив што и секој нормален, скептичен Балканец би помислил: „Да, важи, ќе останеме во контакт, ова е нели од култура и потоа никогаш пак нема да се видите.“
Една година подоцна, имам потпишано со талент агенција и добивам повик од мојот агент кој вели: „Види, главниот уредник на BBC Comedy ми се јави и би сакал да настапуваш на една нова BBC 3 емисија, каде ги покажуваат најновите таленти од земјата.“ Се согласив. The rest is history – како што се вели овде.
Од Чарли Чаплин, „Пајтоновци“, па се до Џенифер Соундерс, Роан Еткисон и Рики Џервејс. Несомнено, Велика Британија низ историјата ги има изродено едни од најголемите имиња во светот на комедијата и со сигурност можеме да кажеме дека британскиот хумор е посебен и исклучително квалитетен. Како се чувствувате што имате можност да ординирате на такво тло и колку тоа ви претставува дополнителен притисок?
-Тоа секако е огромен притисок, да се дели иста историја со толку големи имиња, не само во британската комедија туку и во светот. Луѓето кои ги запознав, кои го гледале настапот за BBC во Маргејт, се луѓе кои работат со тие големи имиња на комичната сцена во Велика Британија, како Дилан Моран, Фиби Волер Бриџ и тоа секако ти дава поголем поттик да дојдеш на исто ниво како нив. Ги користам сите „трикови” што ги имам и постојано се трудам да останам на исто ниво со останатите. Тешко е, особено кога си со друг менталитет, јазик и смисла за хумор.
https://www.youtube.com/watch?v=h3jUMrJDWPE&feature=youtu.be&fbclid=IwAR39bZ5MOYL0NdNvm0EyShaXRtGfiixbG6vgeNPF8D1HlbssVd6sPeW9qnY
Кои се вашите идоли помеѓу комичарите?
-Од Америка, мојата прва „љубов” беше Еди Марфи, вистински мајстор за раскажување. Денеска, тоа е Луис ЦК. Секојпат успева да ја насмее публиката, брилијантен е. Исто така ми се допаѓа Сара Силверман. Од постарите во Велика Британија, го издвојувам смешниот и досетлив комичар Дејв Ален и поетскиот и езотеричен Ирец, Дилан Моран, кој е број еден фаворит за мене од тие простори.
Каков е вашиот изведувачки стил? „One punchline“ шеги, „deadpan“ или можеби „оbservational humor“?
-Комбинација од неколку – набљудувачкиот и раскажувачкиот ми се омилени. Ми се допаѓаат приказните со смешен пресврт и ми се допаѓаат набљудувањата, особено работите за кои сите ги забележуваат, ама никој не сака да зборува. Сепак кршењето на бариери и поместување граници треба да е една од главните задачи на секој комичар.
Дали го делите ставот со многумина дека претераната политичка коректност го убива хуморот?
-Целосно се согласувам со ова. Некои граници ни се поочигледни кога зборуваме со луѓето, но во комедијата не би требало ни да ги гледаме. Ова треба да се повтори двапати на Балканот, каде што политиката е премногу навлезена во секоја сфера на животот и го диктира темпото на независниот граѓанин.
Колку тоа што доаѓате од поднебје кое исто така историски негува хумор дури и во најтешките денови, ви помогна при адаптацијата на тамошната матрица?
-Тоа доаѓа како резервен мотор на автомобил, искрено. Врските тука можат да бидат толку ладни, дури и фригидни понекогаш – имам среќа што пораснав во таква топла и шеговита култура. Тоа придонесе за мојот успех.
Јазичната бариера ви претставува објективна пречка во изнесувањето на приказната, а колку таа на некој чуден начин ви помага и доловува симпатичност пред публиката?
-Можеби е малку и од двете. Ми се случи една смешна случка во Есекс, источна Англија, се обидов да ги имитирам луѓето таму и не можев да го погодам акцентот, ниту специфичните зборови на вокабуларот од тој дијалект! Баш се изнервирав и ме обзема чувство на беспомошност.
Од друга страна, дефинитивно се вадам на тоа дека не ми е мајчин јазик и публиката овде тоа го доживува како позитивен новитет, секогаш е добро својата слабост да ја претвориш во оружје.
Како се справувате со „хеклери“? Споделете некоја интересна анегдота и случка.
Еден маж ми кажа научи англиски, на што јас му одговорив: англискиот ми е четврт јазик и сепак смислувам подобри шеги од тебе. (Ова е дел од најавата пред настапот со ББС )
Другпат имав изведба во паб надвор од едно мало гратче, некаде на крајот на светот. Немаше бина, немаше светло и публиката беше пијана и безобразна. Еден од публиката ме праша: „Кога ќе си одите дома вие емигранти?“
Јас му одговорив: „Кога Англија ќе го освои светскиот куп.“
Секогаш треба директно да се соочуваш со „хеклерите”. Доколку те задеваат и не знаеш како да им вратиш, прашај ги да го повторат хеклот. Дури и да било смешно првпат, нема да биде по вторпат, а и ќе ти даде време да размислиш како да вратиш.
Секако, подготвувам разни одговори и за најчестите теми на „хеклерите” – што да бидеме искрени не се многу, бидејќи за странците се вртат истите пет шеги.
Ваши планови за во иднина?
-Подкаст, скеч-шоу*, национална турнеја во Велика Британија и интернационална екс-ју турнеја на Балканот со стенд ап, од Љубљана до Скопје.
Кога не би знаел, зависи од тоа дали луѓето ќе продолжат да јадат лилјаци.
Давор Јосифоски