Се спаси од пеколот на мокриот бетон во Штип– Хоророт од Зоолошкиот парк за мечето Теди е минато, ќе живее среќно во резерват во Бугарија – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/20 8:22 PM

Се спаси од пеколот на мокриот бетон во Штип– Хоророт од Зоолошкиот парк за мечето Теди е минато, ќе живее среќно во резерват во Бугарија

Секаде во светот Зоолошките градини се вистински дом на животните, каде се среќни и одговорните се грижат за нив. За жал не е така и кај нас. Една тажна приказна денес заврши среќно. Мечето Теди го напушти пеколот во Зоолошкиот парк во Штип и замина да живее среќно во резерват во Бугарија.   Животната приказна на Теди ни ја раскажа Тина Мицковска, активист за правата на животните и ПР во скопската зоолошка градина, која најмногу помогна во спасувањето на Теди од штипскиот  ужас.

-Мечето како малечко беше најдено на планина од доктор Јовица Угриновски и во 2017 донесено во Зоо паркот во Штип каде што било ветено дека ќе биде изградено ново поголемо и соодветно живеалиште. Дури и самиот доктор се понуди да донира за изградбата, но за жал не се случи ништо од тоа, не по негова вина. Тој дури и секој месец испраќаше храна за Теди. Јас лично за мечето дознав преку социјалните мрежи, каде што хумани граѓани на Штип ми испратија фотографии од лошите услови. Потоа отидов до таму и на Фејсбук објавив апел за помош .

Апелот стигна до „ 4 Шепи“,  кои ме контактираа и ми кажаа дека се заинтересирани да помогнат. Потоа уште неколку пати одевме со нив таму, го прегледуваа и се подготвуваме да патува во март. Но, поради пандемијата и тоа беше одложено, па конечно денес Теди тргна кон својот нов дом во резерватот во Белица. Луѓето од  организацијата „4 Шепи“  се прекрасни и заедно со мене се бореа Теди да добие нов простран дом наместо 10 квадратни метри, вели Тина.

Резерватот „ Паркот на танцувачките мечки“ е еден од најдобрите во Европа. Се простира на 150. 000 квадратни метри во Белица, Бугарија. Финансиран е од фондацијата на Брижит Бардо и „4 Шепи“ или  „Four Paws“.

-Таму ќе биде трајно место за живеење на Теди. Условите се одлични, постојано ќе добива нега и ветеринарна грижа. Сепак Теди е младо мече кое допрва ќе расте и се надевам ќе заборави на пеколот низ кој помина. Денеска кога отидовме по него со екипата на „4 Шепи“  Теди лежеше на мокар под од бетон. Тоа нека биде последна тажна слика од мечето. Околу цел овој процес, кој од административна гледна точка беше претежок, ми помогнаа Благоја Бочварски, сегашниот министер за транспорт и врски, директорот на Скопје ЗОО,  Ѓорѓи Галетановски и моите колеги ветеринари.  За мечето да биде одземено најмногу помогнаа Министерство за животна средина, ДИЖС и АХВ. Навистина голема благодарност до сите, додаде Тина.

Кога човек ја чита приказната за Теди, просто невозможно е да не се запраша зошто сите тие што помогнале Теди да се спаси од нас, не помогнаа Теди среќно да живее со нас.