Животот е констрастен. Колку и да ни е тешко мора да има некоја светла точка, не треба никогаш да бидеме рамнодушни. Според ова се водела Христина Илијева при создавањето на нејзиното литературно дело „Говорот на молкот“, што неодамна го промовираше во својот роден град Кочани. Книгата е издадена две години по издавањето на нејзиното прво автобиографско дело „Во потрага во себе“, посветена на самохраните родители, како што е и самата авторка.
„Поезијата во светот на литературата е најдобра форма за изразување емоции. Јас можам во еден ден десет поеми да напишам и вообичаено пишувам во вечерните часови, тоа ми е најинспиративниот период“, вели Илијева за Македонски медиа сервис. Преку пишаниот збор, таа сака да ја зголеми свеста за индивидуалните битки што ги водат еднородителските семејства, чие секојдневие е исполнето со многу предизвици.
„И поезијата и сликањето ми се голема љубов уште од кога бев дете, преку нив сакам да порачам дека треба да гледаме на посветлата страна, голем процент од делата ми се посветени на моето дете, бидејќи мајчинската љубов е неизмерна“, вели Илијева.
Според неа, битките кои меѓу другото, ги водат самохраните родители, се во насока на нивното вклучување на пазарот на труд. Нашата соговорничка е борец и за измени во домашната легислатива, каде смета дека треба да се редефинира статусот на родителите кои сами се грижат за своите деца. Илијева дипломирала во областа на економијата, но со години работи на разноразни проекти. Вели, детето така ми порасна, секаде си го водам со себе:
„Тој беше со мене на последната промоција на книгата која се одвиваше под строги протоколи, го водев и на протести од кои известував, а потоа добив и награда. Го водам со себе и кога добивам признанија и пофалници“.
„Кога барам работа се водам според тоа да бидам флексибилна и што повеќе достапна за син ми. Сум работела новинарство, сум работела на многу проекти за самохраните родители, сум волонтирала, сум работела како едукатор на деца. За жал, ситуацијата со вработувањето во јавниот сектор е таква, каква што е. Луѓе што се интелектуалци не можат да дојдат до соодветно работно место, на сметка на тоа да им се отстапуваат работни места на оние што се помалку компетентни од нив. Дури и работодавачите од приватниот сектор знаат да речат ти си самохран родител, детето ќе ти се разболи ќе треба да го чуваш. Луѓето не ги разбираат проблемите што не се нивни лични“, додава Илијева која многупати досега се разочарала, но вели детската насмевка е силата која ја движи напред.
Песната „Дојди ми во Недојдија“ и’ донела на Илијева награда за трајни вредности на натпревар во Парнасо, Италија
Малиот Хрисант ја инспирирал да напише и детска книга, бидејќи смета дека на децата им недостасува литература наменета токму за нив. Тој ја наследил од мајка си љубовта кон уметноста, па и самиот се вклучил во создавањето на книгата насловена „Боите на детскиот свет“, за која ги нацртал илустрациите. Оваа и книгата „Мирисот на бесмртност-љубов“ се дела кои се’ уште не го виделе светлото на денот, бидејќи Илијева ја чека одлуката на Министерството за култура до кое испратила апликација за издавање на овие две авторски дела.
„Со новите две книги ќе може паралелно да читаат и родителот и детето. Ако се работи за помало дете, може да му чита некој возрасен од семејството, па може кај него ќе се вратат неко убави спомени од пред многу години, бидејќи нашето детство е поразлично од она на денешните деца“, вели Илијева која и покрај многуте обврски, наоѓа време да си даде оддишка посетувајќи го Лесновскиот манастир во близина на Пробиштип.
„Секогаш кога можеме со мојот син го посетуваме овој Манастир, бидејќи тоа е посебно место за нас. Многу го почитуваме и Архимандрит Дамаскин , како и другите монаси. Јас и Хрисант посетуваме и други манастири за подобра духовна состојба со надеж за подобро утре, бидејќи животот е како песочен часовник. Колку и да планираме и нешто да оставаме за друг пат, не знаеме што не’ чека.
Вања Мицевска