Последните парламентарни избори во земјата освен по спецификата на организирање и одржување поради пандемијата со Ковид-19 ќе останат запаметени и по одолговлекувањето на објавувањето на резултатите од изборите и падот на софтверот на Државната изборна комисија (ДИК) вечерта на 15 јули по денот на гласањето.
Поради неможноста да се следат резултати од изборите, што остави простор за сомнеж во јавноста, беше покрената истрага од страна на Министерството за внатрешни работи и од Основното јавно обвинителство, која, резултираше со кривична пријава за претседателот на ДИК, тројца вработени во Комисијата и еден управител и сопственик на правно лице.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски за МИА изјави дека до Комисијата се уште ништо официјално не е пристигнато од Обвинителството и дека засега сите информации ги читаат од медиумите. Потенцира дека се што е направено во однос на софтверот е законски.
-Законито се водени сите постапки. Првпат најтранспаретно се водени овие постапки за софтвер на ДИК. Обезбедена е конкуретност, што претходните 11 изборни циклуси не било сторено, а за софтвер е плаќано по 4,5 милиони денари. Сегашната сума е 900 илјади денари, вели Деркоски. Останатите пари што се споменуваат во висина од од 349.500 денари, додава тој, биле наменети за монитори за салата каде што требаше да се следат резултатите од изборите.
Појаснува дека членови на Комисијата за јавни набавки не се членови на ДИК, како што се добива впечаток во јавноста туку вработени во службата на Комисијата.
До какви сознанија дошле ЈО и МВР за набавката на софтверот за следење на изборите
Претходно денеска дека за исходот од истрагата се изјаснија и Јавното обвинителство и Министерството за внатреши работи.
Во соопштението од обвинителството се наведува дека по „спроведена севкупна предистражна постапка, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, при вршење на јавни набавки, од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири члена на Државната изборна комисија (ДИК) и еден управител и сопственик на правно лице”.
Од соопштенијата и од обвинителството и од МВР овој пат дури ниту со иницијали не наведуваат за кои лица станува збор. Според информациите на МИА, станува збор за вработени во службите на ДИК, членови на Комисијата за јавни набавки и за претседателот на Комисијата, како и за управител и сопственик на правно лице.
Во соопштението од Обвинителството се наведува дека во временскиот период од февруари до септември годинава во ДИК, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок.
Како што се посочува, исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот, како и да утврдат дека Извештајот од спроведена постапка бил изготвен спротивно на Правилникот за начинот на пополнување на образецот на Извештајот од спроведената постапка.
Изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка, посочуваат од ЈОРМ, била направена во консултации со учесник во постапката, спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата. Со извршените дејствија е овозможено правните лица да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 899.999,00 денари, како и износ од 349.500,00 денари.
Заради непречено водење на кривичната постапка, надлежниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје, согласно член 146 став 1 т.1, 2, 3 и 7 од Законот за кривична постапка, поднесе предлог за определување на следните мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
МВР, пак, соопшти дека до обвинителството е поднесена кривична пријава против четири членови на ДИК и еден управител и сопственик на правно лице. Кривичната пријава ја поднел Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување, при вршење на јавни набавки”, од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во образложението за причините за поднесување на кривичната пријава, полицијата ги посочува истите констатации како и јавното обвинителство.
На крајот на јули годинава ОЈО за организиран криминал по допрен глас влезе во ДИК за да утврди дали има кривично дело при спроведување на тендерот за набавка на софтверот на оваа институција. При претресот тогаш била одземена тендерската документација за да се утврди дали се почитувани законските постапки.
Долга ноќ во очекување на резултатите од парламентарните избори
Државната изборна комисија (ДИК) организираше и непречено ги спроведе парламентарните избори во специфилни услови на Ковид-19 на 15 јули 2020 година и два дена претходно за сите граѓани, вклучувајќи ги и заболените од коронавирусот, но на целокупната работа сенка фрли потфрлувањето на софтверот што го набави, а којшто требаше да обезбеди брзи, навремени и точни резултати од изборите.
Првите проблеми со софтверот се појавија откако почна интензивирањето на внесот на податоци во него, што ДИК за сума од близу 900 илјади денари го набавила од компанијата Дуна.
Резултатите од изборите беа објавени 24 часа по затворањето на гласачките места, а претседателот на ДИК Деркоски тогаш образложи дека пролонгирањето се должи на хакерски напад и констатираше дека не е предизвикана штета, туку, мало одложување на оперативната активност на Комисијата.
Освен МВР и обвинителството во ДИК тогаш контроли направи и Агенцијата за заштита на личните податоци и притоа беа констатирани повреди на повеќе прописи, бидејќи како што наведоа од Агецијата тогаш, Комисијата не применила соодветни технички и организациски мерки во однос на заштитата на веб – страницата и информатичката инфраструктура за да обезбеди ниво на безбедност соодветно на ризикот.
Од своја страна, пак, компанијата Дуна информира дека апликацијата поврзана со изборниот процес функционирала најнормално, но дека страницата на ДИК била цел на хакерски напад. За излезноста на гласачите апликацијата давала беспрекорно резултати на секои пет минути.
-Но, страницата на ДИК каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад, потенцираа тогаш од Дуна.
Јавната набавка на трите големи монитори што беа набавени за следење на резултатите и што се набавени за сума од 349.500 денари која се споменува во информациите од ЈО и од МВР била направена со друга компанија.
МИА