Работнички после продолженијата го доби дербито во Гостивар – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/20 11:55 AM

Работнички после продолженијата го доби дербито во Гостивар

Работнички предводен од Димитар Мираковски, не застанува. По победата во првото коло од новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига над вечниот градски ривал МЗТ – Скопје, Работнички излезе како победник и во второиот дерби дуел. Овојпат амбициозниот Гостивар на домашен терен беше „жртва“ на тимот од „Градски парк“.

Продолженијата на регуларниот дел завршија со резултат 79:79, а после петте дополнителни минути, екипата на Марјан Србиноски практички се распадна и постигна само три поени во остатокот од двобојот, за разлика од гостите од Скопје кои постигнаа 13 и го окончаа резултатот 82:92.

Самиот почеток на натпреварот ни даде до знаење дека Работнички е расположен за игра и дека е дојден во Гостивар да победи. „Најжешкиот“ терен во земјава, сега од оправдани причини без присуство на фанови во спортската сала „Младост“, на крајот се испостави како релативно лесно помината пречка.

Во одреден дел од мечот, гостиварци заостануваа дури 20 поени позади Работнички, но сепак карактерот и желбата на Тодоровиќ и Армстед ја „стопија“ двоцифрената разлика и го внесоа дербито во неизвесна и возбудлива завршница.

Улогите повторно се вратија на место во продолженијата, инаку први за сезонава, бидејќи Работнички ја презеде улогата која ја имаше во најголемиот дел од натпреварот, а Гостивар едноставно се претвори во екипата од првиот дел на која ништо не ѝ одеше од рака.

Балмазовиќ со 26 поени беше убедливо најдобриот стрелец кај Работнички и воопшто на дуелот. Александар Тодоровиќ со 17 и Американецот со косовски пасош, Армстед, со 15, го следеа српскиот интернационалец.

Оваа победа го носи Работнички на делба на првата позиција на табелата по две одиграни кола со Еуро Никел.

Од останатите резултати, новајлијата ТФТ Скопје го совлада Црн Дрим во Струга со 69:79, Еуро Никел на домашен терен беше подобар од ФМП Академија со 96:82, Куманово потешко од очекувањата го совлада МЗТ – Скопје 2 со 77:73 и МЗТ – Скопје славеше над кожува 81:75.