Пр. Др. Аспазија Софијанова и официјално е новиот директор на Клиниката за детски болести. Софијанова пет години веќе беше директор на оваа Клиника, по што остана на Клиниката на местото шефица на Одделот за интензивна нега и терапија на оваа Клиника. Како старо-нов директор ММС ја контактираше и ни рече „ниту сум изненадена, ниту не сум изненадена. “
-Се чувствувам како човек кој е повеќе научен да живее и работи во стресни и кризни состојби, како што е пандемијата. Овој вид на функција не го сфаќам како функција туку како голема одговорност, која треба да ја превземам во грижата и правењето на најдоброто за детските животи. Со огромна одговорност дека, сепак, со оваа функција ќе треба навистина посебен акцент и внимание треба да се дадат на секои непредвидливи состојби што може да се јават со вирусот и затоа сметам дека раководењето на една таква институција, каква што е Универзитетската клиника за детски болести, за која имам оставено навистина огромно наследство и желба да ја вратам на она ниво на кое била, а во исто време да се справувам со предизвикот на пандемијата за заштита на детското здравје. Што значи дека во себе чувствувам една дополнителна тежина и огромна одговорност за менаџирање во вакви кризни состојби.
Што ќе направите за да нема одлевање на кадар?
-Прво ќе ги побарам тие што се одлеани да се вратат. А начинот на кој тоа ќе го направам е прво во мојата агенда. Дел од луѓето лично ги познавам и ќе направам конструктивен разговор, затоа што се многу важни. Тука ќе игра улога Хипократовата заклетва, секако и материјалното иако не сме толку за жалење. Ќе најдам начин да ги мотивирам. Сигурно дека ќе има разговор и за промена на некои нешта и во државното здравство, каде мотивацијата на лекарите да биде зголемена.
Дали ќе има реваншизам?
-Никако. Нема потреба од тоа. Тоа само малите луѓе го прават.
Пред неколку години бевте директор, за време на една власт, сега сте повторно директор, но за време на друга власт. Тогаш велеа дека сте кадар на ВМРО, а сега ќе велат дека сте кадар на СДСМ. Која е вистината?
-Јас и тогаш го велев тоа и сега велам- да, јас сум кадар ама на професијата. Мојата професија е медицината и педијатријата, мојот кадар е детето. Сум била и ќе останам. Јас сум горда на мојата национална припадност, а тоа е влашкото лоби во државава. Нека го прашаат Тодоров како ме ме назначи за директор. Буквално ме извади од дежурство и ме назначи. Ниту со книшка, ниту со било какви претходни заслуги по партиски основи.
Кои ќе бидат вашите први чекори?
– Пред се, најважно е собирањето на кадарот . Подобрување на односите а не раслојување. Подеднакво, според способностите, кој на кое место треба да си ја врши својата улога. Не според тоа кој на кого му се бендисува или кој на кого му е другар. Или кој на која партија припаѓа. Не. Ќе се оди по принцип на професионалност. А го има тоа доволно на Детска клиника, имаме професионалци. Воопшто не ме интересира ниту карактер, ниту вера, нација, религија . Политика пак воопшто. Тоа кај мене не постои. Ниту тоа било кога сум го размислувала, ниту сега. Задоволството на пациентите е пред се. Довербата се враќа со одговорност на менаџментот. Реорганизација и добар пи ар, кој ќе се грижи да се кажат работите како што треба, брзо реагирање за нештата кои се проблематични. Едноставно 24/7 на Клиника. Тоа е тоа.
–