Ќе се менува Законот за судска служба, а во работните групи кои ќе работат на тоа ќе бидат вклучени и претставници од Независниот синдикат на судската полиција, што досега не беше пракса. Синдикалците ова го договориле со министерот за правда, Бојан Маричиќ со кого се сретнаа по денешниот протест во Скопје.
Со оваа очекуваме да нема пазарење на наша сметка и да не се дозволи други да одлучуваат за нашата судбина – вели за ММС, претседателот на Независниот синдикат на судската полиција, Владимир Литовски.
Тие бараат во новите законски измени да влезе и регулирањето на бенефицираниот стаж и начинот на пензионирање на судските полицајци, точно да се прецизираат додатоците за работа во три смени, за време на празник или неделен одмор, како и да се регулираа додатоците на плата за висок ризик и доверливост.
Барањата ќе бидат тема на дискусија и в понеделник, за кога е закажана средба на претставници од Владата и од ресорното министерство со Независниот полициски синдикат, на која според најавите, треба да се усогласат ставовите околу правилникот за подзаконскиот акт за зголемување на платата до дваесет проценти порад обем и сложенст во работата.. Барањата кои судските полицајци денеска му ги предочиле на Маричиќ веќе се доставени и до Судскиот совет и доколку не биде закажана средба, тие повторно ќе организираат протест.


