Потпишан Меморандум за збратимување меѓу Битола и Цетиње – ММС
ММС

Објавено на: 11/4/20 6:55 PM

Потпишан Меморандум за збратимување меѓу Битола и Цетиње

Општина Битола и црногорската престолнина Цетиње потпишаа Меморандум за збратимување.

Свечениот церемонијал се одржа преку виде конференциска врска, а во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска присуствуваа амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ, почесниот конзул на Црна Гора во Битола, Миодраг Андријашевиќ, претседателот на Советот, Валентин Груевски и заменик – градоначалничката Емилија Костурски.

Меморандумот го потпишаа градоначалникот на прстолнината Цетиње, Александар Кашчелан и на Битола, Наташа Петровска.

-Битола и Цетиње имаат многу што заедно да направат. Остануваме отворени да соработуваме, со градење на идеи и стратегија, за во моментот кога ќе можеме и физички да го имплементираме сето тоа, да го направиме подготвени, така како што доликува за нашата Битола, но и за пријателскиот град Цетиње. Денес се чувствуваме побогати со уште еден збратимен и пријателски град со кој што во иднина навистина очекуваме длабока соработка, истакна Петровска, по потпишувањето на Меморандумот.

Празникот на градот Битола, во име на граѓаните на Престолнината Цетиње го честита градоначалникот Кашчелан, кој не допатува во Битола заради ковид мерките во регионот.

-Не сум во можност да бидам во Битола, иако во Цетиње интензивно го подготвувавме нашето доаѓање. Но, овие нови околности ја потврдуваат народната мудрост –„Кога има воља, има и начин”. Со помош на дигиталната технологија, во можност сме да го означиме стартот на една, сигурен сум, успешна соработка. Цетиње и Битола, како историски вертикали на нашите држави и народности, денес пристапуваат кон еден важен чин – збратимување, кое уште повеќе ќе ги поврзи и приближи сите наши сличности и посебности. Како мултикултурни средини и градови препознати по космополитизмот и внимателно чување на културното богатство, сакаме да за зацврстиме соработкаа во областа на локалната самоушрава, образованието, туризмот, културата, спортот….Нашите цели се комплементарни-силни локални заедници како вистински сервиси за граѓаните,  истакна градоначалникот на престолнината Цетиње, Кашчелан.

На свечениот церемонијал, од Битола се обрати и амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ, која оцени дека потпишувањето на Меморандумот е уште една потврда за одличните меѓудржавни односи и традиционално блиски и пријателски врски помеѓу двата народа.