ВМРО-ДПМНЕ Штип на прес-конференција денеска реагира на решенијата што власта им ја нуди на граѓаните во процесот на лекување од короновирусот.
Тие потсетуваат на најавата дека во Штип ќе се формира монтажен регионален ковид – центар, но од овој центар засега ни трага ни глас.
„За информација на граѓаните, поранешниот Градоначалник бараше од Советот на општина Штип изнаоѓање флексибилна, мобилна и едноставна структура од монтажен карактер, која требаше да одговори на потребите во справувањето со Корона вирусот. Уште на 29 јули, Советот на Општина Штип донесе одлука за формирање на ваков центар. Меѓутоа и тогаш знаевме, а и сега гледаме, дека таа одлука била залудна, затоа што власта нема абер од монтажна болница,“ рече на денешната прес-конференција Весна Ничева од ВМРО-ДПМНЕ Штип.
Според партијата тоа не е единствениот проблем.
„Откако се пополнија капацитетите на Инфективното одделение и откако се препраќаа пациентите на лекување во Кочани, раководните структури на болницата направија импровизирано одделение за болни од Ковид 19 во Одделението за кожни болести. И наместо да се фокусираат на доградба на долги години неизградената нова Клиничка болница, тие ветуваа монтажна болница. Наместо да го формираат таканаречениот монтажен регионален ковид центар, тие импровизираат Инфективно, во Кожно одделение,“ реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Не ја разбираме потребата секој ден да се излегува на прес, колку да се каже нешто, а ниту еднаш да се излезе со некоја корисна идеја, реагираа на обвинувањата од штипската Клиничка болница.
„За доцнењето на монтажната болница веќе многу пати објаснивме. Го плашите народот, те немало кислород, те немало регулатори, те импровизиран оддел за Кожно итн. Прво и да беше изградена новата болница, во неа немаше да се лекуваат инфективни болести, туку остануваат во сегашната зграда. Условите на Инфективно и Кожно, воопшто не се ‘импровизирани ‘. Наместо 30 кревети колку имаше на почетокот на кризата на Инфективно, сега имаме 65. Досега се лекувани повеќе од 600 пацинети.Треба да се засрамите што во овие тешки мигови секојдневно одмагате, но повеќето од Вас, кои на почетокот на кризата баравте во Штип да нема центар за ковид, не очекуваме ништо повеќе,“ се вели во реакцијата од Клиничката болница.
Порпаролката на штипската Клиничка болница, Марина Шуманска, денес информираше дека седум пациенти со полесна клиничка слика се хоспитализирани на кожното одделение на штипската Клиничка болница .
Овие пациенти се очекува да бидат испишани во текот на утрешниот ден. На Инфективното одделени има 52 пациенти, остануваат само уште два слободни кревети, информира Шуманска.
Во изјава за МИА, директорот на штипската Клиничка болница, Ален Ѓеорѓијев, информира дека болницата ги добила потребните регулатори за боците за медицински кислород од страна на општествено-одговорни компании.
Шеснаесете монтажни ковид-центри требаше да бидат монтирани уште минатиот месец.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, подготвките во СБ се завршени и сега треба да бидат распишани постапките за набавка и монтажа.
„Ако го почневме процесот навреме, ако немаше блокада, монтажните болници ќе беа подигнати до октомври. Но, сега не може да се предвиди кога би завршил тој процес“, вели министерот.
Од вкупната сума на кредитот (90 милиони евра), 34 се наменети за проекти на Министерството за здравство, а другиот дел за ресорот труд и социјална политика. Од средствата наменети за здравството, 9 милиони евра се за изградба и опремување на монтажните болници, за нивно снабдување со медицинска и немедицинска опрема, како и за ретроактивно финансирање на тоа што било потрошено досега.