Македонската академија на науките и уметностите и Институтот за фолклор „Марко Цепенков” денеска организираат научен собир за 190 години од раѓањето и 100 години од смртта на Марко Цепенков (1829, Прилеп – 1920, Софија), најпознатиот собирач на македонското усно народно творештво.
Ермис Лафазановски, директор на Институтот за фолклор кој го носи името на Цепенков, истакна дека најпознатиот собирач на народни умотворби сè уште го нема заслуженото место во нашата културна меморија. Прв за неговото дело, рече, проговрил Блаже Конески во 1954 година кога рекол „…денес и во неговиот град и пошироко ретко кој му го знае името, а камоли да му го цени во право заслугите”. Благодарение на неколу интелектуалци од средината на 20 век, рече Лафазановски, името на Цепенков почна постепено да го зазема заслуженото место во нашата наука и култура. За тоа сведочи и десеттомното издание на неговите народни умотворби објавени во 1972 година.
-Неговата оставнина ние, Македонците, денес, со право може да ја наречеме наша втора Библија. Како поинаку да се нарече неговото импозантно собирачко дело во кое сме запишани сите ние, заедно со нашите предци и нашите идни поколенија. Во кое е запишано создавањето на нашиот свет и луѓето во него, нашите песни, приказни, обичаи, преданија, легенди, нашата музика, инструменти, занаети, детски игри и, пред сè, нашите соништа. Денес ние треба да си признаеме дека му останавме должни, затоа што за разлика од другите собирачи на народни умотворби кои ги задолжија нашите генерации, како што се браќата Миладиновци, Шапкарев, Верковиќ, името на Марко Цепенков сè уште го нема своето заслужено место во нашата културна меморија, истакна Лафазановски.
Го прогласи 21 век за век на Цепенков затоа што, рече, треба уште многу да направиме да му се одолжиме и тоа најдобро ќе го сториме ако неговите македонски народни умотворби станат дел од нашата филозофија за животот, која ќе им ја предадеме на идните поколенија.
-Сто години по смртта на Цепенков, со оглед на сложената меѓународна политичка ситуација во која не по наша вина се наоѓаме, неговите собрани материјали, кои во целост сведочат за нашиот македонски идентитет, јазик и култура, денес треба да бидат многу поактуелни од нивната актуелност во 20 век. Треба да сме свесни дека овој век треба да биде уште еден почеток, уште една реактуализација на нашето минато заради заокружување на нашата иднина, посочи директорот на Институтот „Марко Цепенков” кој годинава одбележува 70 години постоење.
На отворањето на собирот, претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев истакна дека денес е општо прифатено гледиштето дека Цепенков не е обичен запишувач на народни умотворби, туку е и автор на проза, посочувајќи на неговата најпозната приказна „Силјан Штркот” која ја нарече „негов поетски тестамент”.
-Силјан Штркот содржи повеќе јасни наративи: судбината на народот и единката, односот меѓу „јатото” и самотните птици, трагањето по сопствената изгубена личност, и преобразбата…., рече Коцарев.
Академик Катица Ќулавкова, претседавач на научниот собир, изјави дека Цепенков со раскошното творештво е дел од македонската култура и културна историја и е меѓу личностите кои, како што рече, „што и да напишале во некои документи или под присила дека се по идентитет тоа или тоа”, всушност оставиле, рече таа, непроценлив доказ за македонската народна култура, македонскиот фолклор, јазик, етнос, специфики на македонскиот народ.
– Тоа е она што нив ги идентификува, токму таа оставнина, тоа културно наследство што го имаме од Цепенков, а фолклористите го сметаат за најголемо запишувачко дело од народната култура, додаде Ќулавкова по повод собирот во МАНУ на кој денеска во три сесии ќе има 18 излагања за дејноста на Цепенков од академици и универзитетски професори.
Во собирачката дејност на Цепенков се запишани повеќе од 5500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди…).
МИА