Завршија операциите за пребарување и спасување по земјторесот со јачина од 6,6 степени што се случи во Измир, Турција, пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение објавено на социјалната мрежа Твитер ја потврди Мехмет Ѓулоглу, претседател на Управата за вонредни состојби (АФАД) при Министерството за внатрешни работи на Турција.
„Тимовите за пребарување и спасување ја завршија својата работа“, напиша Ѓулоглу, упатувајќи благодарност до сите кои дале придонес и помагале во оваа насока
„Продолжуваме интензивно да работиме во други насоки“, додаде тој.
АФАД соопшти дека од 1.035 повредени лица 137 сè уште се на болничко лекување, додека 898 се отпуштени од болниците.
По земјотресот, кој со јачина од 6,6 степени го потресе Измир, третиот по големина град во Турција со над 4,3 милиони жители, регистрирани се вкупно 1.713 последователни потреси на тлото, од кои 45 со магнитуда поголема од 4 степени.