Претседателот на Иран, Хасан Рохани, порача дека за Иран не е важно кој ќе победи на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД) и дека плановите не ги прават според тоа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рохани по состанокот на Советот на министри одржан во Техеран, се осврна на претседателските избори во САД, како и на економските проблеми во земјата.
Тој рече дека за Иран не е важно каква политика и каков метод ќе се спроведе од страна на новата администрација на САД.
„За нас не е важно кој ќе победи [на изборите] во САД. Доколку САД ги остават санкциите настрана и покажат почит, тогаш и нашите услови ќе се променат“, нагласи тој.
Според него, за нив важно е принципиелно движење, принципиелен метод и принципиелна политика, а не се важни личностите и партиите.
Рохани истакна дека посакуваат САД да ги почитуваат законите, да се вратат во мултилатералните меѓународни договори и да го почитуваат иранскиот народ.
„Кој и да е [претседател] во САД, сакаме да покажат почит, наместо да спроведуваат санкции. Во врска со економијата направивме план, без оглед на тоа кој ќе победи на изборите. Пресметките ги направивме врз основа на производството на нафта и извозот. Многу е добро доколку САД земат лекција од минатото и следат поразличен пат“, додаде иранскиот претседател Хасан Рохани.