Премиерот Зоран Заев во текот на денот ќе оствари телефонски разговор со канцеларката Ангела Меркел и ќе се дискутира пристапниот процес на земјава во ЕУ, изјави на редовната прес-конференцијата владиниот портпарол Душко Арсовски. Власта е благодарна што Германија засилено се залага за исполнување на целта – одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината, што би било сигнал за целиот регион дека се задржува кредибилитетот на Европската унија.
„ Паралелно се одвиваат контакти меѓу МНР на Република Северна Македонија и Република Бугарија, но во интерес на процесот е да не се изнесуваат детали, а инаку сите контакти водат кон приближување на позициите. Договорот од 2017 година е одлична рамка и нуди инструменти за надминување на прашањата за кои Софија има дилеми,“додаде Арсовски.
Тој апелираше да нема говор на омраза меѓу двете земји, затоа што нов наплив на омраза, во кој било правец, би влијаел и на работата на Комисијата за историски прашања, и додаде дека нема потреба од нов договор со Бугарија или пак анекс.