Потврдено – Сашко Николов е кандидатот на СДСМ за изборите за градоначалник во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 11/4/20 8:56 AM

Потврдено – Сашко Николов е кандидатот на СДСМ за изборите за градоначалник во Штип

Се потврдија шпекулациите и актуелниот пратеник Сашко Николов е потврден како кандидат на СДСМ за градоначалник на претстојните Вонредни локални избори во Штип на синоќешната  онлајн седница на Извршниот одбор на СДСМ.

Д-р Сашко Николов, покрај тоа што е актуелен пратеник од СДСМ, продолжи да работи како интервенет кардиолог во Штипската клиничка болница.

-Д-р Николов во изминатите години стекна висок углед како млад и квалитетен кардиолог, основач на штипскиот Оддел за интервентна кардиологија. Целиот свој професионален и човечки ангажман Николов го има посветено на непрекината, константна и професионална работа за граѓаните и нивното здравје, стои во соопштението на СДСМ.

Предлогот на Извршниот одбор за кандидат за градоначалник на Штип, според статутарните одредби, ќе биде доставен до општинската конференција на ОО СДСМ Штип.

Николов на изборите на 13 декември како главен противкандидат ќе го има својот колега од собраниските клупи, Иван Јорданов од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните на Штип засега ќе имаат избор и во третиот, независен кандидат – Tрајче Митев, кој успеа да го собере потребниот број на потписи и да се кандидира за претстојните избори.