Министерството за државна управа и локална самоуправа на Србија денеска преку соопштение ги повика припадниците на националните малцинства, меѓу кои и македонското, навреме да се информираат за постапката за упис во посебниот избирачки список, за да можат да го искористат правото да учествуваат на изборите за свој Национален совети.
Изборите ќе бидат распишани во август, а ќе се одржат наесен -се наведува во соопштението.
„Националните совети во Србија, меѓу кои е и Македонскиот национален совет, е институција преку која националните малцинства во Србија ја остваруваат својата загарантирана самоуправа во образованието, културата, информирањето, употребата на јазикот и писмото и затоа е важно граѓаните да се запознаат и да бидат на време информирани за своите активности за овој изборен процес“, изјави помошникот-министерка за државна управа и локална самоуправа Ивана Антиќ.
Со неодамна усвоените во Собранието измени и дополнувања на Законот за националните совети на националните малцинства се унапредува нивната работа, појасно се дефинираат и усогласуваат нивните надлежности, се намалува нивната прекумерена политизација, се овозможува нивното транспарентно финансирање и се унапредува ажурирањето на подадоците кои се водат во посебниот избирачки список за секое национално малцинство во Србија.
Припадниците на македонското национално малцинство, ако сакаат да учествуваат на изборите за националните совети, доброволно треба да се запишат во општините во Србија во посебниот избирачки список за малцинствата, со што стекнуваат право да учествуват во избирачкиот процес, да избираат или да бидат избрани за членови на својот национален совет.
„Ги повикувам припадниците на националните малцинства да се запишат во посебниот бирачки список и да учествуваат во креирањето на политика која се однесува на нивната положба“, порача Ивана Антиќ.
Националните совети се финансираат од буџетот на Републиката, од автономната покраина и единиците на локалната самоуправа и, како и останатите организации кои се носители на јавни овластувања, важно е да работат и средствата да ги трошат транспарентно.
Но, на повеќе досегашни средби на македонците во Србија, како и на средбите со преставниците на македонските власти, беа искажани големи проблеми и неслога, со обвинувања на работата на постоечкиот Национален совет и распределбата на финасиски средба меѓу нив.
Во Србија според последниот попис од 2011 година, за разлика од минатите години, бројот на Македонците опаѓа, или 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број жители во Србија.
Според неофицијалните проценки, во Србија живеат над 100.000 Македонци.