По масовните демонстрации на полските жени: Владата го одложи спроведувањето на проблематичната одлука за абортус – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/20 8:10 PM

По масовните демонстрации на полските жени: Владата го одложи спроведувањето на проблематичната одлука за абортус

Полската Влада одлучи да го одложи објавувањето, односно спроведувањето на одлуката со која дополнително се ограничува правото на абортус. Ваквата одлука е донесена по двонеделните масовни протести во Полска, на кои присуствуваа и по стотина илјади луѓе.

Владин претставник рече дека се консултирале во владата и дека е потребно повеќе време за дијалог, односно дека се одложува спроведувањето на одлуката.

Уставниот суд во октомври донесе одлука дека абортусот на фетуси со вродени мани го крши Уставот и дека таквиот абортус не е дозволен, a со тоа дополнително ги ограничи прописите за абортус во Полска, кои веќе се едни од најстрогите во Европа.

Доколку оваа одлука стапи во сила, абортусот ќе биде легален само во случај на инцест, силување или загрозено здравје на мајката. Пресудата требаше да биде официјално објавена вчера.

Премиерот Моравиецки повика на разговори со демонстрантите и опозициските пратеници за изнаоѓање решение за проблемите.