Заев: Со здружени напори земјите од ЦИЕ можат да привлечат нови инвестиции – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/18 12:15 PM

Заев: Со здружени напори земјите од ЦИЕ можат да привлечат нови инвестиции

Со здружени напори 16-те земји од Источна и Централна Европа можат да ја унапредат размената и движењето на луѓето, добрата и услугите, искуствата и да ја користат експертизата и знаењето од НР Кина во овие процеси, но истовремено и да го направат овој регион атрактивна и примамлива дестинација за нови инвестиции на кинеските компании и примамлива туристичка дестинација за кинеските туристи –  порача премиерот Зоран Заев на 7. Самит на шефови на влади од процесот на соработка помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Централна Европа (16+1) кој се одржува во Софија.

Тој се обрати на пленарна сесија на премиерите на владите на земјите од ЦИЕ и НР Кина, на која посочи и дека Република Македонија е мала земја којашто е посветена на концептот на поврзувањето, што всушност е дел и од Иницијативата 16+1.

– Како што вели кинеската поговорка: „Патувањето од илјада милји почнува со еден чекор“ – така и оваа иницијатива 16+1 претставува првиот чекор на едно впечатливо патување и платформа со која Република Македонија ќе може да ги продлабочи врските и поврзувањето, да напредува на полето на енергетиката и инфраструктурниот развој – порача премиерот Заев.

Како што соопшти владината прес-служба, тој потсети дека на почетокот на март годинава Македонија официјално во Скопје го отвори Центарот за координација на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Овој центар, рече, нуди одлични можности за мониторинг, промоција и афирамција на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, но оти настојува да ги продлабочува и зајакне релациите помеѓу земјите во културата којашто ја има централната улога во унапредување на меѓусебното разбирање и продуктивниот дијалог.

Премиерот Заев најави и дека Република Македонија во септември ќе биде домаќин на 5. Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина на Тинк Тенк организации, а следната 2019 во наша организација ќе биде 4. Состанок на министри за културна соработка кој произлегува како наша обврска од процесот 16+1.

– 2018 година е од исклучителна важност за евроатлантската интеграција на мојата земјата. Минатата година го потпишавме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, а минатиот месец го потпишавме Договорот со кој го решивме деценискиот спор за името и за воспоставување на стратегиско партнерство со нашиот јужен сосед, Република Грција со што осигуравме широка перспектива за постигнување на нашите стратегиски цели за воспоставување на уште поинтензивна билатерална соработка на регионално ниво, истакна премиерот Заев.

Тој посочи дека со Народна Република Кина оваа година навршуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските релации и во тој дух изрази безрезервна благодарност за поддршката што ја добиваме од НР Кина и цврстата заложба за продолжување на плодната соработка.

– Убеден сум дека од овој Самит ќе произлезат многу нови иницијативи и идеи кои ќе ја зацврстат и унапредат заемната соработка, како и поврзувањето и комуникацијата меѓу граѓаните од нашите земји, порача премиерот Заев.

Македонскиот премиер ја предводи владината делегација во која се и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.