Се’ уште нема формална иницијатива за одлагање на изборите во Штип и Пласница – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/20 3:00 PM

Се’ уште нема формална иницијатива за одлагање на изборите во Штип и Пласница

Најавата од лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ќе бараат одлагање на Вонредните локални избори за градоначалник во Штип и Пласница, засега е само неформална, изнесена во новинарско интервју. Официјална иницијатива нема поднесено, што според СДСМ до тогаш се смета за гласно размислување. Сепак, каков ќе биде ставот на опозициската партија и дали најавата ќе ја формализираат, ќе се знае веројатно денеска или утре, кога се очекува да заседава Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

Факт е дека големи се бројките на починати од ковид, но и секојдневниот висок број на новозаболени, на 40 дена пред закажаните Вонредни локални избори на 13 декември. Дека нема да биде лесно да се води кампања во вакви услови, покажуваат и внатрепартиските консултации кои ги води СДСМ во Штип меѓу месните организации. Некаде се со физичко присуство, некаде се онлајн, во зависност од условите.

Во општинската организација на СДСМ во Штип во тек се процедурите за кандидирање, кои завршуваат на 7 ноември, кога е крајниот рок до кога се поднесуваат кандидатури.

-Најавите на ВМРО ДПМНЕ за можно одлагање на изборите се неформални. Како такви ги сметаме додека нема доставено официјално барање до надлежните институции, вели Александар Кангалов, претседател на ОО на СДСМ во Штип.

Месните организации деновиве предлагаат свои кандидати и според Кангалов, од петнаесетина предлози по месните организации, најчесто се повторуваат имињата на пет – шест кандидати.

Од друга страна, во ВМРО ДПМНЕ неофицијален кандидат е пратеникот Иван Јорданов. Извршниот комитет на партијата ќе го има конечниот збор. Меѓутоа, пред кандидатурата, во опозициската партија ќе разговараат околу можноста за организирање на избори во услови на високи бројки на болни од ковид.

-Во разговори сме и околу можното решение – дали со официјално барање за одлагање на изборите или амандман на законот со кој би се продолжил мандатот на актуелниот в.д. градоначалник до редовниот термин на одржување на Локалните избори. Во тек се консултации, по што ќе заземеме став, ни изјави Иван Јорданов, пратеник и координатор на ВМРО ДПМНЕ од Штип.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, во телевизиско гостување кажа дека Комисијата постапува во согласност со законските рокови, меѓутоа, негово лично мислење е дека сега не е време за избори.

-Со оглед на ситуацијата, навистина е комплицирано. Бидејќи се работи за Вонредни локални избори, можеше да се надмине ситуацијата и на друг начин, без да се комплицира и да не најде соломонско законско решение , кое ќе го надминеше овој десетмесечен период, кој се појавува како вакуум до наредните редовни Локални избори со надеж дека до тогаш ќе се подобри работата.  Во оваа ситуација, законските решенија се такви какви што се и мора да се постапува по нив, изјави Дерковски.

На претстојните Вонредни локални избори во Штип ќе има и независен кандидат. Трајче Митев во определениот рок успеа да собере 267 потписи од потребните 250, со што се кандидира за изборите. Вонредните локални избори во Штип и Пласница се организираат  откако штипскиот градоначалник  Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, додека градоначалникот на Пласница Исмаил Јахоски стана пратеник во Собранието.