Глас за Македонија со повик за создавање фронт за зачувување на македонските национални интереси – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/20 2:39 PM

Глас за Македонија со повик за создавање фронт за зачувување на македонските национални интереси

Глас за Македонија се обраќа до сите  парламентарни и вонпарламентарни политички партии, невладини организации, здруженија на граѓани, како и до сета научна, културна, економска јавност –  до сите граѓани, да го поддржат овој наш повик за создавање на општ, свесен, културен и народен фронт за одбрана и зачувување на македонските национални интереси – самостојниот историски развој на македонскиот народ и јазик, интегритетот и суверенитетот на македонската држава и нејзиниот независен економски и политички развој.

Ова за нас е суштинска потреба, заради актуелните оспорувања и негирањана на македонскиот народ, на неговата историја и на јазикот, што доаѓаат од страна на политичките претставници на Р.Бугарија, но уште поопасно, ЕУ молчи пред ова нецивилизирано однесување. Особено, што бугарската закана за вето, се интензивира пред скорешното одржување на првата Меѓувладина конференција на Европската Унија со Македонија како почеток на пристапните преговори за македонско членство во овој сојуз на држави. Условувајќи ја македонската позиција со Договорот за добрососедство (2017), со Собраниската декларација (10 октомври 2019 г.) и со неодамнешниот „Објаснувачки Меморандум“, Софија создава и демонстрира антимакедонска и нецивилизациска реторика до земјите членки на Европската Унија. Притоа, од македонската владеачка гарнитура се бара да прифати „историска реалност“ – фабрикувана „коминтерновска“ или „новосоздадена“ нација која неможе да биде матица, без своја препознатливост и јазик, без историска вертикала. Доколку ова го занемариме како преседан, тоа значи сериозна и опасна работа за македонските витални и национални интереси. Идентитетските прашања за македонскиот народ, како и за кој било друг народ, имаат суштинско значење и неограничена вредност и во однос на нив не треба да има никакво отстапување!

Затоа, се обраќаме до целата општествена и политичка јавност за создавање на единствена народна база која има сувереност да ја елиминира досегашната политичка практика на потпишување на асиметрични и штетни договори за македонската суштина и интереси, не прифаќање на половични решенија и воспоставување односи со соседите на рамноправна основа, со признавање на македонската нација, на македонскиот јазик, на историјата и на идентитетот.

Во оваа смисла ги поддржуваме и иницијативите и постапките со слична содржина и намера, истакнати во парламентарната и вон парламентарната македонска јавност.

Глас за Македонија