Како се проширува, така и се полни ковид одделот во кавадаречката болница. Според информациите од директорот на болницата, д-р Диме Коцев таму се хоспитализирани 34 ковид позитивни пациенти.
„Сите хоспитализирани се со средно-тешка клиничка слика и се во стабилна состојба“ вели Коцев.
Вкупниот капацитет на ковид одделот е 40 болнички кревети. Од почетокот со работа, досега во три наврати се прошируваше капацитетот. Во моментов слободни се уште 6 болнички кревети.
Директорот на болницата апелира до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки, задолжително да носат маска, да избегнуваат групирања и навреме да се јавуваат кај матичните лекари кога ќе забележат симптоми на вирусот, а не да се лекуваат сами.
Седум мина во Кавадарци на возраст од 39 до 77 години се позитивни на корона вирус во последните 24 часа, потврдија од Центарот за јавно здравје. Има едно позитивно лице и во Неготино на возраст од 41 година и два позитивни случаи во Росоман на возраст од 14 и 59 години.
„Од Кавадарци две лица на возраст од 75 и 77 години се хоспитализирани во болница. Меѓу позитивните има и едно медицинско лице“ информира епидемиолог д-р Ристе Јовановски.
Се вршат епидемиолошки анкети за откривање на контактите на новите позитивни, а сеуште се очекуваат резултати од направени тестирања, па во текот на денот можно е да има и промена на бројот на нови позитивни.
Од Центарот за јавно здравје информираат дека е зголемен бројот на тестирања.
Заклучно со вчерашниот ден во Кавадарци активни се 240 случаи, а вкупно дијагностицирани од почетокот на епидемијата се 548 лица. Во Неготино активни се 93 случаи од вкупно 171 дијагностициран.
Ангел Данов