На окупираниот Западен Брег, Палестинците протестираа против Балфоровата декларација на нејзината 103-годишнина, декларација што доведе да се формира државата Израел на палестинска земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На демонстрациите што се одржаа во Рамала по повикот на Комитетот на палестинските национални и исламски сили, во кој се вклучени повеќето палестински групи, со транспаренти и палестински знамиња беше протестирано против декларацијата.
Демонстрантите побараа Велика Британија да се извини за нејзината историска грешка во однос на правата на палестинскиот народ и да ја признае палестинската држава.
Во денешната изјава, палестинскиот премиер Мухамед Иштије ја повика Велика Британија да ја признае независната палестинска држава, со главен град Источен Ерусалим, во границите од 1967 година и дека тој чекор треба да биде преземен како компензација на она што го доживеа палестинскиот народ поради Балфоровата декларација.
– Балфорова декларација –
Во писмото напишано од Артур Џејмс Балфор во периодот кога е на функцијата британски министер за надворешни работи, до баронот Волтер Ротшилд, еден од истакнатите личности на ционистичкото движење, се ветуваше воспоставување „татковина“ на Евреите на палестинска територија.
Писмото, во историјата познато како Балфорова декларација, се смета за најважна пресвртница во процесот што водеше кон формирање на државата Израел.