Првиот поздрав на тригодишното девојче по извлекувањето од урнатините, 65 часа по земјотресот во Измир – ММС
ММС

Објавено на: 11/2/20 8:51 PM

Првиот поздрав на тригодишното девојче по извлекувањето од урнатините, 65 часа по земјотресот во Измир

Повреденото тригодишно девојче Елиф Перинчек, кое беше спасено денес и извлечено од урнатините 65 часа по земјотресот во областа Бајракли во западната турска област Измир, се наоѓа на Одделот за интензивна нега во Универзитетската болница „Еге“ каде што ѝ е пружена помош, јавува Анадолија (АА).

Девојчето се наоѓа на интензивна нега поради мерки на претпазливост, а на првите снимки се гледа дека нејзините очи се отворени и дека прима кислород, а во болничкиот кревет е опкружена со многу играчки.

Универзитетската болница „Еге“ објави снимка со Елиф во нејзиниот болнички кревет и соопшти дека лекувањето на девојчето се спроведува на најдобар можен начин.

Околу 23 часа по земјотресот од урнатините се извлечени мајката на Елиф, Сехер Дерели Перинчек, десетгодишните близнаци Езел и Елзем, како и седумгодишниот Умут. Меѓутоа, Умут почина, додека мајката и близнаците и понатаму се на лекување.

По спасувањето на малата Елиф, пожарникарот Муамер Челик ги сподели емотивните моменти.

„Елиф ме фати за прст. Ѝ го исчистив лицето од прашина. Со еден од колегите успеав да ја извлечам, а таа не ми го пушти прстот сè до шаторот за прва помош. Како пожарникари никогаш не губиме надеж до последниот момент. Никогаш не изгубивме надеж дека ќе ја пронајдеме Елиф“, рече Челик.

Во силниот земјотрес што го погоди Егејскиот регион на Турција, загинаа 91 лице, 994 се повредени, од кои 829 се пуштени на домашно лекување, додека 155 сè уште се на болничко лекување.

По силниот земјотрес што го погоди подрачјето во близина на Сеферихисар, во Измир, регистрирани се 1.286 последователни потреси, од кои 43 со магнитуда над четири степени.

Турскиот министер за животна средина и урбанизам, Мурат Курум, на денешната прес-конференција во Измир соопшти дека бројот на значително оштетените и уништени згради е зголемен на 58. Досега спасени се над 105 лица, меѓу кои и тригодишната Елиф Перинчек, која беше извлечена од под урнатините по 65 часа.