Македонската влада, како една од антикризните мерки во бoрбата против ковид 19, со Уредба ги ослободи радијата за плаќање на надоместок за користење на радиофрекфенции за 2020 година. Владината уредба е донесена на 10 јуни и се однесува на цела 2020 година. Меѓутоа, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), која го наплаќа овој надоместок, по втор пат во пет месеци се обидува да си го наплатат надоместокот, непочитувајќи ја Владата и нејзините одлуки, кои во време на вонредна состојба, имаат важност на закон. Сега, со писмо до радијата, АЕК праќа известување пред отповикување на одобрение за користење на радиофрекфенции и доколку не платат во рок од 30 дена, АЕК најавува дека ќе ги изгаси радиофрекфенциите, односно медиумите ќе останат без сигнал. При тоа, се става и над друга институција, во случајов, ААВМУ, од која радио станиците имаат дозвола и врз основа на која, АЕК е должна да издаде дозвола за радиофреквенции. Доколку една радио станица не го плати износот, не го спречува АЕК да покрене тужба за наплата, но не да го користи методот на уцена и да ги гаси станиците. Радио станицата може да продолжи со работа без дозвола, бидејќи има една дозвола, од ААВМУ. Тогаш АЕК ќе биде присилен со асистенција на полиција да го затвори предавателот без дозвола, со што АЕК ќе демонстрира насилие.
Од Асоцијацијата на приватни електронски медиуми (АПЕММ) се изненадени од овој однос на АЕК, која повторно покажува непочитување кон Владата и нејзините уредби.
– Добивме известување од директорот на АЕК, Сашо Димитријоски дека Државниот завод за ревизија му наложил на АЕК да ги наплати сите фактури, бидејќи биле пратени по пошта до радио станиците и независно од уредбата на Владата да се изврши наплата, што за нас ова е ирелевантно, тоа значи непочитување на одлуката на Владата. Еднаш добивме известување од страна на АЕК на што вративме одговор дека ние немаме задолжение, сега оваа недела на сите радио станици имаат пратено заканувачко писмо за радиостаниците дека доколку не ја платат, ќе се отповикаат дозволите за радиофреквенции, што значи затварање на радио станиците, а дополнително можеме да се жалиме до Управниот суд, дали тоа било вистинито или не, реагираат од АПЕММ.
Упатена е реакција и до Комисијата на АЕК, со образложение на сите аргументи, но од таму до денеска нема никаков одговор, објаснуваат од АПЕММ со прашање дали и Комисијата, која треба да го контролира работењето на директорот, се стави во негова функција.
-Донесената Уредба на Владата на 10 јуни годинава пропишува да не им се наплати годишниот надоместок за 2020 година за користење на радиофрекфенции. Радијата, кои до денот на влегувањето во сила на оваа уредба го платиле годишниот надоместок за 2020 година, ќе се смета дека извршиле плаќање на годишен надоместок за 2021 година за користење на радиофреквенции, стои во владината Уредба.
Меѓутоа, при барање од Владата да го коментира однесувањето на АЕК и непочитувањето на нејзината уредба, кое е идентично на кршење на закон, Владата всушност го оправда непочитувањето на сопствената уредба од страна на АЕК.