Планинарскиот клуб „Тетекс” од Тетово вчера првпат реализираше планинарска тура до месноста Дојрански водопад на Шар Планина, што се смета за предел кој ретко се посетува. Се тргнува од селото Вејце на 1200 метри надморска височина и треба да се помине 500 метри висинска разлика до некаде 1700 метри, под Црн Врв.
– Станува збор за месност која има неверојатна природна убавина но воедно и тешко достапно за која не постои обележана планинарска патека. Ние имавме колега кој го знае патот. Се оди по низ шумата и долж течението на Вејачка река. Се оди од левата страна на реката се до вливот на Дојранска река по што се оди се до изворот на оваа река односно водопадот, изјави Снежана Новаковска, претседателка на ПК „Тетекс”.
Речиси целиот пат се минува низ густа букова шума.
– На оваа патека не препорачуваме движење без човек кој го знае теренот. Иако има многу дрвја, постои и многу ерозија на земјата и потребна е голема внимателност, вели Новаковска.
На турата учествувале 24 планинари. Вкупната должина во двата правци е 10 километри.