Сезонскиот грип уште повеќе може да ја влоши состојбата со Ковид-19, поради што лекарите веќе започнаа подготвување терен за вакцинација на населението. Една од установите кои се подготвува за реализирање на вакцинацијата против сезонскиот грип е делчевскиот здравствен дом „Гоце Делчев”, чиј директор д-р Марија Глигоровска информираше дека со вакцинирањето најпрвин ќе бидат опфатени здравствените работници над 65 години.
-Се наоѓаме во време на пандемија и период кога се јавува сезонскиот грип, што е опасен период, бидејки кога два вируса кога ќе се сретнат, тоа може да биде фатално за населението. Што се однесува до вакцините иако уште немаме насоки, имаме најави за нивно скоро пристигнување. Иако уште нема потврда, бесплатната вакцинација најпрвин предвидува вакцинирање на здравствените работници над 65 години. Планот е тоа да го завршиме за три дена во установата во Делчево и М.Каменица, истакна Глигоровска.
Со цел утврдување на симптомите од грип, таа додаде дека во моментот, пациентите кои имаат висока температура се изолирани од останатите.
-Имаме и просторија за брис, знаете таму на сите што имаат темепература ги делиме, се трудиме од која било и да е причина температурата да немаат контакт со другите пациенти. Малку реагираат пациентите, но ќе се земе крвна слика и ќе се види дали станува збор за грип или друг тип на заболување, додава Глигоровска.
Во моментот поради реновирањето на дел од просториите на амбулантата, со кое е опфатен и Ковид центарот, пациентите со температура се прегледуваат во просторијата за земање брис, по што како што додаваат од делчевскиот здравствен дом се упатуваат на понатамошен третман, согласно нивните наоди.