Макрон: „Мојата изјава во врска со карикатурите беше погрешно сфатена во исламскиот свет“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/20 2:30 PM

Макрон: „Мојата изјава во врска со карикатурите беше погрешно сфатена во исламскиот свет“

„Овие карикатури се цртаат во Франција и во оваа земја не се спроведуваат правилата на исламот“, рече Макрон, нагласувајќи дека неговата земја води борба против антисемитизмот и сите форми на расизам, но не ја спомена борбата против исламофобијата.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, тврди дека реакциите во исламскиот свет по неговата изјава во врска со карикатурите се случиле поради недоразбирање, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во интервју за „Ал Џезира“, Макрон рече дека сака да ги елиминира последните недоразбирања и дека ги следи острите реакции на меѓународната сцена што „ја напаѓаат Франција“.

Нагласувајќи дека неговата земја нема проблеми со верата и дека муслиманите кои живеат во Франција слободно ја практикуваат нивната вера, Макрон тврди дека нема дискриминација кон муслиманите во земјата и дека се истакнати погрешни нешта во врска со ова прашање.

Макрон истакна дека објавувањето на карикатурите во земјата е слобода на изразување, додека во врска со навредливите карикатури на француското списание „Шарли Ебдо“ рече: „Можам да ги разберам и почитувам емоциите кои ги предизвикуваат овие карикатури. Но, сакам вие да ја сфатите мојата улога. Мојата должност е да го промовирам спокојството и во исто време да го штитам ова право (на карикатурите).“

Макрон рече дека „Шарли Ебдо“ не е официјално списание и дека објавува слободно.

„Француската Влада не е таа која ги нацрта овие карикатури. Сепак, ако прашувате дали претседателот на Франција треба да го откаже ова право, тогаш одговорот е не. Бидејќи ова право се однесува на правото на францускиот народ и на целиот свет. Важно е да се штити ова право“, нагласи Макрон, додавајќи дека не го прифаќа насилството што се случи по објавувањето на карикатурите.

„Јас не сум теолог, но не сметам дека насилството е легитимно или поддржано во исламот. Разбирам дека овие карикатури предизвикаа шок и имам почит кон тоа, но јас никогаш нема да прифатам да се искористат овие карикатури за да се оправдува насилството“, додаде Макрон.

Тој истакна дека тој лично не ја поддржува секоја нацртана карикатура, но дека треба да се штити правото за цртање карикатури.

Францускиот претседател рече дека неговата изјава дека „нема да се откажат од карикатурите“ е коментирана како тој да ги поддржува навредливите карикатури кон божјиот пратеник Мухамед и дека тоа не е вистина.

„Овие карикатури се однесуваат на сите религии и не се однесуваат само на одредена религија“, рече тој, додавајќи дека реакциите во исламскиот свет се предизвикани од погрешното сфаќање на неговата изјава во врска со карикатурите.

Макрон не ги прифати критиките дека навредливите карикатури на божјиот братеник Мухамед во Франција се објавуваат повеќе во споредба со другите карикатури.

„Овие карикатури се цртаат во Франција и во оваа земја не се спроведуваат правилата на исламот“, рече Макрон, нагласувајќи дека неговата земја води борба против антисемитизмот и сите форми на расизам, но не ја спомена борбата против исламофобијата.

Претседателот на Франција ги осуди апелите во арапските земји за бојкотирање на француските производи.

Преземено од: Анадолија