Бектеши: Не се размислува за затворање на угостителските објекти, по усвојување на ребалансот на Буџетот следи брза реализација на Четвртот сет на мерки – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/20 10:06 AM

Бектеши: Не се размислува за затворање на угостителските објекти, по усвојување на ребалансот на Буџетот следи брза реализација на Четвртот сет на мерки

Следниот ден откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот, Министерството за економија ќе почне со реализација на мерките за финансиска поддршка согласно Четвртиот сет на мерки кој што го донесе Владата, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот во интервју за  Телевизија Алфа, потенцираше дека ребалансот на Буџетот не доцни и финансиската поддршка која што ја предвидува Владата во Четвртиот сет навреме ќе стигне кај најпогодените компании и граѓани.

-Следниот ден откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот, Министерството за економија ќе ги објави сите мерки кои што се во наша надлежност, посебно за најпогодените сектори како што се туризмот, хотелиерството, угостителите, занаетчиите, рече министерот и додаде дека Владата е подготвена да продолжи со нови мерки и после декември, доколку има потреба за тоа, се со цел најпогодените сектори да продолжат да работат.

-Што се однесува до угостителството и во Кризниот штаб и во Економскиот совет и ние како Министерство за економија во моментов не размислуваме за целосен карантин, односно целосно затварање на овој сектор, но тоа ќе зависи од бројот на заразени и од епидемиолошката слика во државата. Секако доколку се случи тоа, ние ќе излеземе дополнително во пресрет на туристичко-угостителскиот сектор како што и беше досега, бидејќи тие беа и се опфатени во сите четири сета економски мерки што ги донесе Владата, истакна Бектеши и додаде дека доколку има дополнителни рестриктивни мерки за овој сектор, тогаш секако дека ќе бидат донесени нови мерки за поддршка.

Наведе дека се прават анализи и дека доколку има потреба ќе биде донесен и петти и шести пакет економски мерки.

Бектеши потенцираше дека следат тешки денови за економијата, но сепак оптимизам влеваат податоците од Државниот завод за статистика според кој се намалува падот на индустриското производство споредено со податоците од вториот квартал, што според Бектеши покажува деа мерките што ги донесе Владата биле во вистинска насока.

-Со мерките што ги носиме правиме напори падот на економијата да биде помал, односно на ниво од 4,4 отсто, рече министерот Бектеши.