Тренерот на голманите во македонската ракометна репрезентација, Александар Царчев, позитивен е на Ковид-19. Во пресрет на квалификационите дуели против Финска и Швајцарија за Европското првенство, врз стручниот штаб и ракометарите на Македонија беа направени стандардни ПЦР тестови, од кои еден од нив се покажа како позитивен.
Царчев на својот „Фејсбук“ профил објави дека е заразен со вирусот, но дека е асимптоматски случај и нема посериозни проблеми врз здравствената состојба.
-Би сакал да ја информирам јавноста дека ден пред собирот на репрезентацијата сум асимптоматски позитивен на Ковид-19. И покрај сите протоколи за заштита од оваа пандемија никој не е сигурен и имун на ова зло. Чувајте се сограѓани и со лесно нека е и со помин. Единствено жалам што во моментов не можам да и помогнам на репрезентацијата за претстојните натпревари со Финска и Швајцарија. Се надевам дека нашите голмани ќе бидат на висина на задачата и како и секогаш ќе допринесат за успех. Спортски поздрав до сите и после 10 дневниот карантин повторно се гледаме на терен, напиша Царчев.
Тој во следниот период ќе биде во самоизолација и нема да патува со момците на гостувањето во Швајцарија.
Фото:
ekipa.mk


