Саша Богдановиќ во „Стадион“ зборуваше за венчавката на Косово, за работењето на Општина Центар, дали има амбиции да стане скопски грaдоначалник… – ММС
ММС

Објавено на: 10/31/20 1:44 PM

Саша Богдановиќ во „Стадион“ зборуваше за венчавката на Косово, за работењето на Општина Центар, дали има амбиции да стане скопски грaдоначалник…

Венчавката во манастирот Грачаница во Косово на градоначалникот на скопската Општина Центар, Саша Богдановиќ, пред петнаесетина дена ја разбранува јавноста. Имаше многу коментари и во медиумите и на социјалните мрежи, а се огласија и премиерот Заев, министерот за здравство Филипче, па дури и косовскиот амбасадор. Гостин на Столе Наумов во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“ му беше Богдановиќ, кој опширно зборуваше и за венчавката со Јелена, исто така по потекло Србинка, која работи во скопското училиште „Киро Глигоров“, и за функционирањето на Општина Центар, потоа за плановите, за кошаркарскиот клуб „Работнички“…

За соработката, контактите, проблемите, односите со Богдановиќ онлајн во „Стадион“ се вклучија советничката Јана Белчева – Андреевска, екс-претседател на Советот на Центар, која пред неколку месеци си даде оставка, и Сергеј Попов, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар.  Во рамките на емисијата беше емитувана и новинарската ретроспектива од Габриела Додевска на случувањата и коментарите во врска со венчавката во Грачаница.

– Со Јелена сме заедно повеќе од една година. Таму всушност и се зближивме, па тоа беше една од причините венчавката да ја направиме во манастирот Грачаница. Освен црковните адети, испланиравме и краток ручек за најблиските. Ги испочитувавме сите протоколи поврзани со мерките против коронавирусот. Имавме само околу 25 гости. Поминаа петнесетина дена, никој од присутните нема некакви здравствени последици. Јас луѓето ги делам на луѓе и нелуѓе, а не по вера или нација. Инаку, јас сум крстен во црква, овде, во Македонија – истакна Саша Богдановиќ.

Во врска со финансиското работење на Центар, рече дека Општината ги намирила сите обврски и оти е во одлична финансиска кондиција.

– Во 2019 година имавме приход што не е остварен во последните 23-24 години. Секое утро на изводот гледам од 90 до 120 милиони денари. Секогаш на сметката имаме помеѓу 1,5 и два милиона евра. Лани буџетот го реализиравме со 101 отсто – имавме планирано 615 милиони, а остваривме 617 милиони денари. Поради пандемијата, годинава нема да биде така – рече Богдановиќ

Во емисијата со свои ставови и со прашања до него се вклучија и повеќемина слушатели. Едно од прашањата беше и дали планира да се кандидира за градоначалник на Скопје, на местото на неговиот сопартиец од СДСМ Петре Шилегов, па да бара гласови и од Албанците во Скопје.

– Немам амбиции да бидам градоначалник на Град Скопје – одговори Саша Богдановиќ