Десетици илјади луѓе, според некои процени и 100.000, протестираа синоќа во Варшава против одлуката на полскиот Уставен суд за натамошно ограничување на правото на абортус. Откако е донесена одлуката, започнаа протести низ цела Полска,и покрај ограничувањата во врска со пандемијата.
Носејќи знамиња во боја на виножитото и извикувајќи пароли против Владата, демонстрантите во Варшава во голем број го истакнаа знакот на нивниот бунт – црвена молња. Тие во еден момент биле нападнати со факели од група непознати мажи.
„Подготвени сме да се бориме до крај“, рече Марта Лемпарт, една од основачите на движењето „Женски штрајк“.
„Доста ни беше!“, „Моето тело, мој избор!“ пишуваше на дел од транспарентите што ги носеа демонстрантите, главно млади луѓе, извикувајќи пароли против владата.
Нешто помали протестни митинзи се одржаа и во други градови во земјата како Краков, Лоѓ, Катовице, Вроцлав, но и во странство – во Барселона и во Виена.
На активистите за правата на жените што го организираа протестот им се заканува кривично гонење затоа што во моментов во Полска е во сила забраната за собирање повеќе од пет лица на јавно место.


