Во Собранието попладнево продолжи расправата по ребалансот на Буџетот, кој се носи поради ковид кризата и од чие усвојување зависи почетокот на реализацијата на четвриот пакет мерки за справување со последиците од ковид кризата вреден 470 милиони евра.
На крајот на денешното заседание на Собранието, спикерот Талат Џефери го закажа продолжението на оваа седница за утре во 12 часот.
Во текот на расправата опозицијата изнесе забелешки дека расходите се историски на највисоко ниво, дефицитот е на највисоко ниво, реализацијата на капитални инвестиции на најниско ниво, а парите предвидени во трите пакет економски мерки досега не се реализирале целосно, додека пратениците од владејачкото мнозинство застанаа во одбарана на предложениот ребаланс и апелираа за негова поддршка.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски во расправаата наведе дека ова е најголема криза која се случи во еден момент и направи пад на БДП на најголемиот дел од сите економии во светот и сите држави ги зголемија своите дефицити и јавни долгови.
Тој појасни дека за трошењата од буџетот има две големи групи кои се проектираат во секој буџет, а тоа се трансфери кон пензиско, социјални фондови и здравство, што, како што рече, не е намалено во ребалансот и ќе бидат исплатени и пензиите и социјалните права и платите, а за субвенциите потенцира дека тие се на повисоко ниво проектирани, и оти земјоделството е сектор што покажа раст во оваа криза од 3,7 отсто.
Расходите, истакна заменик-министерот се зголемени за 4,1 отсто за да може да се финансираат пакетите на мерките и оттука зголемувањето на дефицитот и јавниот долг е од потребата да се финансираат предвидените мерки.
Расправата по ребалансот, почна вчера, а согласно Деловникот може да трае најмногу пет дена. По неговот донесување ќе почне да се реализираат мерките од четвртиот пакет предвидени за месеците октомври, ноември и декември, а поддршката изнесува 470 милиони евра.