ВМРО-ДПМНЕ Штип: Во Ковид центарот, болните се молат за легло, внатре за кислород-Од пласирање на невистини нема никој ќар, велат од болницата – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/20 5:10 PM

ВМРО-ДПМНЕ Штип: Во Ковид центарот, болните се молат за легло, внатре за кислород-Од пласирање на невистини нема никој ќар, велат од болницата

,Пискотници се слушаат од Ковид центарот на Источна Македонија! Болните од надвор се молат за легло повеќе, а болните внатре за кубик кислород. Сведоштвата на вработените, болните и нивните роднини говорат дека состојбата на Инфективното одделение е катастрофална“, обвинија денес од ВМРО-ДПМНЕ Штип на прес-конференција.
Денес Штип останал без боци за кислород, кои дури и доколку ги има, не се оперира соодветно со нив. Клиничката болница не располага со централен довод за кислород, кое ја прави зависна од овие боци, меѓутоа, во случаите кога на пациентите им се дава неопходното количество, тоа се врши на опасен начин.
„Поради непостоењето на регулатор за кислород, кој чини само 50 евра, пациентите добиваат несоодветна количина од овој гас. Освен тоа, една маска се користи за сите пациенти болни од Ковид, а не ретко и нема можност да се опслужат неколку пациенти одеднаш. Очигледно, пациентите на Инфективно се оставени на совест на вработените, во ситуациите кога се селектира на кој пациент да го добие потребниот кислород. А сето тоа поради неодговорност на власта и ограничените ресурси во болницата! “обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
И додека Штип и регионот од ден на ден ги зголемуваат бројките со позитивни од Ковид 19, ниту Министерството за здравство, ниту Клиничката болница во Штип имаат слух за потребите на болните, се додава во реакцијата.
Одговорија и од штипската Клиничка болница.
Од тука велат дека потребата од боци со кислород постојано се зголемува, но демантираат дека некој е оставен без кислород или дека се одлучува кому да се даде а кому не.
„Денес ВМРО-ДПМНЕ одржа уште една прес-конференција во познат стил, со напади, шпекулации и полувистини во врска со состојбата со медицински кислород.Со порастот на бројот на хоспитализирани пациенти, а бидејќи имаме голем број на пациенти на кои им треба кислород, и во недостаток на централен довод на кислород јасно може повремено да се јават проблеми со боците,“ се вели во образложението.
Од Клиниката велат дека буквално секој ден расте потребата за поголем борој на боци, но не само во штипската болница, па некогаш дистрибутерот доставува по двапати во денот, како што е денеска.
„Меѓутоа апсолутно неточно е дека некој е оставен без кислород, а персоналот треба да одлучува кому да даде а кому не.
Не сакаме да веруваме дека се потпирате на полувистини од некои вработени во Клиничката болница Штип, чие медицинско знаење е дискутабилно, а имате доктори кои знаат како е, но се срамат од ова што го кажувате.Да беше поинаку , ќе знаевте дена не може да се прими кислород без регулатор, па некој да прими “ несоодветна “ доза.
Иако имаме околу 30 регулатори во целата болница, од кои 10 се набавени во последната година, ситуацијата бара уште повеќе,“ се додава во образложението.
Бидејќи еден регулатор не чини „само“ 50 евра , туку 15.000 денари, а знаејќи дека поради изборите, не може да се направи јавна набавка, во текот на наредните денови, ќе се најде начин да се набават дополнителни 10 до 15 регулатори од опшествено одговорни фирми и поединци , се’ со цел да се надмине оваа ситуација.