Ниту е дозволено, ниту пак постојат протоколи за организирање свадбена свеченост во време на корона. Комисијата за заразни болести во јули рече дека се уште е рано да се организираат таков тип на веселби, и останавме без свадби. Па сега не фати и есенскиот бран со корона вирусот, со што ваквите типови на веселби ќе бидат ставени на пауза.
Но, на некој не му се чекаше па одлуката падна свадба да прави среде пандемија, па заминаа надвор од границите на нашата земја и ја крунисаа нивната љубов.
Прв кој се пофали беше поранешниот пратеник Амди Бајрам со свадбата во Истанбул на Босфор на неговата внука со околу 500 гости.
„Ќе се жени градоначалникот Саша Богдановиќ, венчавка на Косово“ беше насловот што ММС.МК го објави и наслов што предизвика бура од реакции во јавноста.
Деталите беа дека венчавката ќе се одржи во манастирот Грачаница на Косово, а избраничката на градоначалникот Богдановиќ е скопјанката Јелена Брауновиќ која е наставничка во ОУ „Киро Глигоров“.
Во неговата изјава стои дека младиот брачен пар се запознале на Косово и бидејќи се започнало од таму, решиле почетокот на задничкиот живот и крунисувањето на нивната љубов пред Бога да биде во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Грачаница.
За оваа одлука на Богдановиќ имаше лавина коментари во јавноста, зошто среде пандемија, зошто токму на Косово, зошто во ситуација кога Српската Православна Црква не ја признава Македонската и уште многу други реакции и прашања испратени на адреса на актуелниот градоначалник.
И покрај коментарите свадбениот валцер на 18 ти месецов засвире.
Деталите од свадбената веселба велат дека Богдановиќ бил облечен во костум, а неговата понежна половина во бел невестински фустан со етно елементи – кус и долг елек кои се дел од црногорската женска народна носија. Но на крајот од свадбената церемонија и младоженецот одлучил да ја испочитува традицијата па облекол традиционална српска народна носија.
Свадбата на Богдановиќ под лупа и на медиумите, но и на јавните политички елити. Реакција имаше и од амбасадорот на Косово во нашата земја, Ѓерѓ Дедај за песната која се пееше на свдбата наменета за Република Косово.
„И Богдановиќ и целиот свет, знае дека Косово не е и никогаш нема да биде дел од Србија, Република Косово е слободна, демократска, европска, и независна земја, која се стреми кон евроатлантските интеграции и добрососедство со сите земји од регионот, вклучувајќи ја и Србија. Соништата на Богдановиќ и српските екстремисти како него, се фрлени во канта за отпад и му припаѓаат на мрачното минато на Милошевиќ“, вели во изјава за Тв 21 амбасадорот, Дедај.
Коментари можеа да се сретнат на социјалните медиуми и за присуството на Вранишковиски на чинот на крунисувањето на бракот на актуелниот градоначалник. На профилот на Фјебсук како „Приказни од булеварот“ под споделена свадбена фотографија од Богдановиќ стои коментарот „Имам против што одметникот и српскиот платеник Вранишковски се на сликава со наш градоначалник. Со одметникот кој плукна на нашата црква. Вие у СДСМ договорете си се….Вечни да се младенците. Народ гледа“.
Свадба е …Нека е за убаво…..
И добро е што србинот Богдановиќ го билда својот национализам со свадба на Косово,…Posted by Приказни од булеварот on Sunday, October 18, 2020
Црвен картон и укор Богдановиќ доби и од неговите сопартици. Премиерот Зоран Заев изјави дека осудува провокации од било каков тип, доколку ги имало на свдбата на градоначалникот на општина Центар, но во изјавите на Богдановиќ, премиерот не можел да препознае такво нешто.
„Јас внимателно ги читав изјавите на градоначалникот на Општина Центар, Богдановиќ кој што доаѓа од редовите на СДСМ. Тој се надоврзува на приватната определба за него, во историски објект кој е за него поврзан за да го сподели чинот на венчавањето со својата идна придружничка, неговата невеста. Второ јасно кажа дека не чувствува дека тука му е забрането во Православните храмови како православен верник во Северна Македонија, но сепак поради историска поврзаност е токму тоа, таму. Во дел на коментарите, тој тврди дека не сака да ги поддржи ниту да коментира на поединци кои што биле гости на свадбата, тој се оградува, тој вели „Јас ја сакам мојата татковина Република Северна Македонија, живеам овде, имам голема чест да бидам градоначалник“. Но секогаш за секој, така и овој пат ако било која порака на провокација или повреда на чувствата на дел од нашиот мултиетички народ секако ги осудувам, поради тоа што ние сме авангардата на концептот едно општество за сите, веруваме силно во тој концепт и очекувам сите да правиме се во духот на поддршката на овој концепт, затоа што тоа е „жива вода“ која што тече треба да ја негуваме, поддржуваме во целиот овој период кој што претстои, не е работа која еднаш заекогаш е дадена и завршена треба да се поддржува од секој можен аспект. Осудувам провокации од било каков карактер, не знам дали ги повикал приватно медиумите, дали приватно ги повикал сликарите и снимателите, кои што на свадби сите ги имаме. Ние нашите соседи ги поддржуваме, поттикнуваме дијалог кој што ќе носи мир на Балканот, кој што ќе гарантира европска иднина, пријателство. Пример сме за тоа, односот кој што значи провокација помеѓу било кои од нашите народи од Балканот и земји, не го поддржувам и се оградувам од него. Апелирам на внимателност, ние сакаме да бидеме Европа во периодот кој што претстои пред нас, треба европски да се однесуваме и меѓусебно да се почитуваме“, рече Заев.
На новинарско прашање за смена на градоначалникот Богдановиќ, Заев најави дека одлуките за идни градоначалници ќе се носат кон крајот на летото.
„Зоран Заев е само еден од членовите во постапката која одлучува, обично правиме истражувања кон народот, народот кажува задоволство или незадоволство. Понекогаш имаме кандидати кои во одредена сфера се одлични, во некоја не се толку добри, на крајот одлуките ги носат граѓаните. Постапките не верувам дека пред пролет ќе почнат, сакаме да имаме новини за афирмација на нови кандидати, на крајот од летото ќе се носат одлуките поради тоа што изборите се октомври 2012 година“, рече премиерот.
Министерот за здравство Венко Филипче во однос на здравствените протоколи и организирање на свдба за време на пандемија, рече дека кога од граѓаните бараме да се почитуваат мерките ние самите треба да сме првите коишто тоа го правиме со сопствен пример.
„Точно дека не се прекршени протоколите и законите во нашата земја, меѓутоа ние сме првите посебно функционерите кои што треба да покажеме на граѓаните како се почитуваат мерките, не мора за се да имаме можност да санкционираме, некогаш треба да дадеме пример самите, треба да дадеме пример на граѓаните, кога од нив бараме да се почитуваат мерките, ние треба да бидеме првите кои што тоа го правиме со сопствен пример“, рече Филипче.
Инаку според изјава на градоначалникот на општина Центар, на свадбата присуствувале околу 30 –на гости и се придржувале до здравствените протоколи.
Должни не му останаа ниту твитерџиите. Свадбата на Богдановиќ беше на тапет на Твитер. Посебно ги воодушеви „витезот од Грачаница“.
Саша Богдановиќ роден е 1985 година во Република Словенија, има завршено средно медицинско училиште, а потоа дипломирал на „Правниот факултет“ при Универзитетот Кирил и Методиј смер политички науки и по професија е политиколог, а на должност во функција на градоначалник на Општина Центар доаѓа во 2017 година.