ВМРО-ДПМНЕ синоќа протестираше: Тегли со чист воздух од Водно пред Влада – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/20 7:37 AM

ВМРО-ДПМНЕ синоќа протестираше: Тегли со чист воздух од Водно пред Влада

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Скопје, во Струмица, во Битола, во Тетово и во Куманово одржа протест против како што наведуваат од партијата „неодговорната политика во однос со најгорливото прашање – загадениот воздух”.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека загадениот воздух и во ек на пандемија убива, а власта вели дека тоа е само магла. ВМРО-ДПМНЕ апелира поради високата загаденост на воздухот, паралелно со пандемијата на КОВИД-19, бремените жени и хронично болните да се ослободат од работа, и во приватен и во државен сектор.

Јелена Жугиќ се обрати на протестот во Скопје, нагласувајќи дека поради големиот број заболени од Ковид-19 тој се одржува со помал број присутни, почитувајќи ги мерките за заштита.

-Се наоѓаме на прагот на грејната сезона, а мерните станици за загаденост на воздухот мерат пет-шест пати зголемено количество на канцерогени ПМ-10 честички во воздухот како во Скопје, така и во Битола, Тетово, Кичево и други градови низ Македонија, изјави Жугиќ.

Таа рече дека премиерот Зоран Заев пред четири години ветил дека откако ќе дојде на власт веднаш ќе го подобри квалитетот на воздухот и ќе го намали загадувањето, како и дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух.

-Четири години потоа Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо  конкретно за намалување на загадувањето, рече Жугиќ.

Воздухот, според неа, никогаш не бил позагаден, а негрижата на власта за здравјето на сопствените граѓани никогаш не била поголема. Дека нема напредок и подбрување на квалитетот на воздухот нотира и Европската комисија во нејзиниот најнов извештај, потсетува таа.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа остави тегли со чист воздух од врвот на Водно пред Влада, бидејќи, како што наведуваат од партијата, воздухот што го дишеме е се’ само не е чист и станува привилегија.

МИА