Што ќе се случи откако ќе умре англиската кралица Елизабета Втора? – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/18 12:58 PM

Што ќе се случи откако ќе умре англиската кралица Елизабета Втора?

Британскиот весник „Daily Mail“ вчера објави текст со наслов: „Што ќе се случи кога ќе умре англиската кралица?“, веднаш откако Елизабета Втора го откажа предвиденото појавување во лондонската катедрала Свети Павле.

Од Бакингемската палата соопштија дека 92-годишната кралица ќе отсуствува од настанот бидејќи „не се чувствува добро“, а наместо неа на прославата по повод 200 години од формирањето на Редот на Свети Михаил и Свети Ѓорѓија беше пратен нејзиниот роднина, војводата од Кент.

Елизабета Втора, која стана кралица по смртта на татко ѝ во 1953 година, со 92 години е најдолговечната владетелка на престолот на британската монархија. Нејзиниот син Чарлс е следен во низата за наследување на престолот.

Лозинка за смртта на кралицата: London Bridge is down

Во нејзиното долго владеење, Елизабета ретко отсуствувала од јавни настани од здравствени причини. Сепак, како одминуваат годините, Британците и други обожаватели на британското кралско семејство се прашуваат што ќе се случи во иднина.

Кога ќе умре Елизабета Втора, британскиот премиер ќе биде известен со кодирана лозинка. Весникот „Guardian“ објави дека таа лозинка ќе гласи London Bridge is down.

Според „Business Insider“, поголемиот дел од персоналот во палатата ќе биде испратен дома и ќе почне период на комеморација во траење од околу 12 дена, што скапо ќе ја чини Велика Британија.

Новинарите на BBC го вежбаат објавувањето на смртта

Датумот на погребот и крунисувањето на наследникот ќе бидат прогласени за празници, а се предвидува дека целиот процес ќе ја чини Британија меѓу 1,2 и 6 милијарди фунти.

Во текот на периодот на жалост, BBC  ќе ги откаже сите хумористични емисии и прилози.

Ако кралицата почине ноќе, веста ќе биде објавена во 8 часот наутро. Ако објавата е во текот на работниот ден, лондонската берза најверојатно ќе прекине со работа.

Новинарите на BBC одвреме-навреме го вежбаат објавувањето на веста за смртта на кралицата. Исто така, имаат при рака црна комбинација за да не се појават недолично на малите екрани при известување за смртен случај во кралското семејство.

 

Ќе се смени текстот на химната

По смртта на кралицата ќе се смени текстот на националната химна  и ќе биде вметнат дел за нејзината смрт. Знамињата низ цела земја ќе бидат спуштени на пола копје, а туристичките места ќе бидат затворени.

Специјален совет во палатата Свети Јаков ќе го соопшти наследникот на Елизабета Втора. По доаѓањето на власт на новиот монарх, политичарите ќе му/ѝ се заколнат на верност. Во текот на 12-те денови на жалост, телото на Елизабета Втора ќе биде изложено во Вестминстерската палата каде јавноста ќе може да ѝ оддаде последна почест.

 

Превземено од: Кајгана