Околу петстотини операции со карцином на дојка годишно прават докторите на Универзитетската Клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје. На оваа Клиника, и покрај новонаметнатата ситуација со пандемијата, за хируршки зафат се чека од две до три недели – вели д-р Исир Вела кој во оваа установа работи како специјалист по општа и супспецијалист по градна хирургија. Тој посочува дека дека во првите шест недели од првиот каранин работата била блокирана, но сега функционираат нормално и тврди дека да се чека за интервенција околу две недели не е ништо страшно бидејќи има научни трудови кои укажуваат дека од дијагнозата на ракот на дојка до интервенцијата вообичаено поминуваат по триесет дена.
„Што порано се дијагностира болеста толку полесно е лекувањето, но неретко се случува пациентките да дојдат кога веќе се во понапреден стадиум. Тоа е проблем за нас, но и за самите пациенти. За лоша среќа, мастектомијата (целосното отстранување на дојката) е многу поприсутна кај нас за разлика од западните држави , а причина за тоа е токму тоа што пациентите доаѓаат релативно доцна“, забележува Вела.
Настрана од актуелната пандемија со коронавирусот, д-р Вела го става ракот на дојка на ниво на епидемилошка проблематика:
„Оваа болест не дава болка и тоа е проблем. Ние имаме таков ментален склоп поради кој пациентите чекаат и со години пред да отидат на хирург“.
Дека навремената дијагноза е исклучително важна се согласува и д-р Маја Јакимовска Димитровска, специјалист радиолог при Универзитетска клиника за радиологија. Таа вели дека секој преглед всушност почнува со самопреглед, но една жена сепак може да не почувствуа ништо, а да има рак. Базичниот дијагнoстички метод кој се користи во медицината за рана дијагностика е мамографијата.
„Мамографот се прави од 35 години па нагоре, а колку често ќе се прави зависи од евентуалните претходни заболувања на пациентката. Мамограф се прави од седум до десет дена после менструалниот циклус. Инаку, мамографијата прави болна компресија врз дојките и поради тоа пациентките ја одбегнуваат, но сепак таа компресија и понатаму е важна поради точната дијагноза“, потенцира докторката.
Симптоми на рак на дојка
Директорот на Клиника за радиотерапија и онкологија пак, д-р Нино Васев најавува дека следниот месец ќе се обидат да отворат амбуланта за телемедицина, за консултации. Вели дека тоа ќе претставува кабинет каде секој од докторите ќе биде присутен по еден час за пациентите и полека тој систем ќе се пушта во фукција.
„Постои студија направена според податоци од 21 онколошки центар од 10 големи земји кои биле највеќе погодени од ковид – 19 и според која, искористеноста на телемедицината е 76 проценти“, посочува Васев, при тоа потсетувајќи дека откако почна пандемијата, таблетарната но и други видови терапии се дистрибуираат до некои градови од внатешноста, за да не морат пациентите да доаѓаат до Скопје.
„Оваа криза беше збунувачка, а пациентите беа многу поисплашени Сега малку повеќе се знае во науката и некои принципи ни се појасни. Во август учествувавме во изработката на научен труд за рани препораки за организација на одделенијата и како да се борат тие што се бават со рак, односно беше наведено кои се приоритетите за време на пандемијата. Заклучоците се дека некои работи може да се одложат без поголеми проблеми врз здравјето. Во препораките кои доаѓаат пак, од САД стои дека локалните услови во сите институции се различни и затоа секој треба да постапува спред своите услови. Значи ризикот на прогресија на болеста мора да се балансира со ризикот на самите пациенти и вработените кои исто така мора да ги заштитиме. Треба да се внимава на тоа кои пациенти имаат ризик за компликации и потешки кормободитети“, истакнува д-р Васев додавајќи дека дневно имаат по сто телефонски повици од пациенти за консултации, а некои комуницираат со своите онколози и онлајн.
Според него, во моментот приоритетни се постоперативните пациенти и ургентните онколошки третмани кои мора да се лични и пациентот мора да се види.
Фото: Архива
Министерот за здравство, Венко Филипче најавува законски измени кои ќе донесат поголеми ингернции за граѓанските организации бидејќи како што вели, без нив не може да се функционира:
„Треба да ја зголемиме достапноста до терапиите. Пред нас е период во кој сме сконцентрирани на ковид кризата, тоа е приоритет во здравството. Лекарите и сестрите се мобилизирани, но и овие работи не ги оставаме на страна. И со законските измени што ќе следат догодина ќе почувствуваат сите бенефит. Резултатите во лекувањето на ракот на дојка нас не’ прават ентузијасти“.
Сите овие прашања поврзани со дијагнозата, скрининг програмите, хирургијата и терапиите за ракот на дојка вчеравечер беа тема на дискусија на Националната конференција што ја организаше Здружението Борка. Ваквиот настан кој се организира традиционално секоја година во октомври, за првпат се одржа онлајн поради пандемијата со ковид-19.
Вања Мицевска