Сашко Александар Тодоровски повеќе од две децении живее во Баку, главниот град на Азербеџан. Оваа држава со сиот свој сјај и нафтено богатство, за која велат и дека е „запад на истокот“, веќе три децении има територијален проблем со соседната Ерменија, за кој се водело војна меѓу двете држави, а од пред повеќе од еден месец жариштето повторно пламна. Нагорно-Карабах е територијата за која, по осамостојување од советскиот Сојуз, спорат овие две држави а резултатот и по 30 години не е решен, освен што се загубени илјадници млади животи и на двете страни. Во оваа ковид состојба со која се бори светот, преку разговорот со Тодоровски, ММС се обиде да дознае како Азербеџанците живеат војувајќи на два фронта- на војниот и здравствениот. Како се почитуваат мерките за заштита од корона и како во ваква состојба се води војна.
Како се живее во Баку, сега кога државата е во војна, а владее пандемија?
-Откако започна војната, животот во Баку не се измени многу од предходните месеци затоа што Азербејџан, како и целиот останат свет, веќе се најдоа во војна од средината на март месец годинава, т.е. веќе водиме војна против ковид-19 вирусот и таа состојба едноставно продолжи и се надоврза на стилот на живот од почетокот на пандемијата. Единствено што дополнително се превзеде од страна на раководството на земјата е полицискиот час во државата кој трае од 21 часот вечерта, до шест наутро секој ден. Останатото веќе ни е познато, има зголемени мерки заради вирусот кои се во сила веќе подолго време. Тоа значи дека животот во останатиот дел од денот се одвива нормално, луѓето одат на работа и имаат можност да си ги извршат работите и задоволат потребите од шест наутро па до 21 часот вечерта. Се разбира, мерките постојат, не работат трговските центри и моловите, фитнес и спортските објекти, туристичките објекти и се внимава на мерките во затворените простории. Со еден збор, стандардно како и во повеќето големи градови во светот. Секако дека во последниот месец дена во градот се чувствува воената состојба, на поголемиот број возила се веат знамиња на Азербеџан, понекогаш заедно со турското знаме, насекаде на балконите граѓаните на Баку имаат закачено државни знамиња и со тоа даваат поддршка на својата армија, која моментално води борби за ослободување на своите територии од ерменската окупација која трае веќе повеке од 30 години. Навечер, после 21 часот кога градот стивнува поради полицискиот час, луѓето масовно излегуваат на балконите, па со долготрајни бројни аплаузи извикувајќи го името на државата и слоганот “Карабах е Азербеџан” им даваат поддршка на армијата во секојдневните борби против окупаторите. Патриотизмот е на највисоко ниво, јас никогаш за овие повеќе од 22 години живот во Баку немам видено таква сплотеност на народот за да се достигне таа цел. Сите во еден глас го поддржуваат лидерот на дрзавата и врховниот командант, претседателот Илхам Алиев.
Постои ли некаков страв или можеби одобрување, сепак, гинат нечии татковци и синови?
-Стравот можеби и постои кај некои граѓани од оваа или онаа причина, но толку е потиснат од националните чувства на народот генерално, што воопшто не се чувствува. Дефинитивно, целата нација ја одобрува и поддржува идејата за конечно ослободување на своите територии и раководството е поттикнато од граѓаните, огромен број на доброволци се јавуваат да помогнат на својата земја во битката за ослободување на своите територии и тоа зборува за решеноста на народот да се доведе овој проблем до логична завршница.
Што е моментално поактуелно во Азербеџан, војната во Нагорно-Карабах или корона?
Форто: tvmost.info
-Војната секако е таа што ја стави короната на втор план и граѓаните се преокупирани со вестите од фронтот и со нетрпение секојдневно очекуваат информација за нови ослободени територии. Борбата со короната продолжува со исто темпо, мерките се тука, но фокусот на државата е на територијата каде се одвиваат воените дејствија , т.е. во Нагорно- Карабах и во оние 7 региони околу Карабах кои се окупирани од Ерменија уште од крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите. Региони, од кои беа насилно иселени и етнички исчистени околу 800.000 етнички Азербеџанци кои до ден денешен (некои веке и во трето поколение) се избеглици повеќе од 30 години раселени по територијата на Азербеџан. Значи, ослободувањето на оние 20% територии на Азербеџан кои официјално им припаѓаат и се меѓународно признати од сите земји во светот е дефинитивно приоритетот на Азербеџан и аербеџанците.
Какво е однесувањето на лугето? Како работат рестораните преку ден? Каков е ноќниот живот, сега кога е ваква состојбата или само поради корона е затворено? Сепак, на 300 километри од Баку се води војна.
-Односот на луѓето се смени во последниов период. Тие беа потиштени и во некоја рака депримирани од состојбата со вирусот и мерките кои буквално парализираа некои гранки на економијата и негативно, како и секаде во светот, влијаат на повеќето мали и средни бизниси. Тука се работата на моловите, заедно со модниот бизнис, кои не работат воопшто од почетокот на кризата, туристицките агенции и огромниот број на хотели кои успешно работее затоа што Баку е интересна туристичка дестинација, фитнес клубовите, рестораните и објектите за свадбени и други прослави и многу други бизниси да не ги набројувам сите. Рестораните почнаа да работат буквално пред неколку недели, со ограничени капацитети и ковид мерки. За ноќен живот воопшто не станува збор, поготово со воведувањето на полицискиот час во 21 часот со повтовното разгорување на воениот конфликт во Карабах и регионот.
Азербеџан е богата држава, но сепак, постои ли некаков страв кај луѓето дека можеби војната и короната ќе и наштети на економијата? Постои ли воопшто страв дека е можно да останат без плати или на тоа воопшто не се размислува-има нафта, има пари?
-Знаете, мислам дека моментално не постои држава во светот на која кризата со короната не и наштети на економијата. Можеби некои поединци или бизниси успеаја да направат огромни капитали во такви услови, меѓутоа генерално, економијата на буквално сите држави во светот е жртва на кризата, па така и во Азербеџзан како држава го почувствува тоа. Сега прашање е која држава како и со колку резерви се соочи со кризата и како ќе ја менаџираат состојбата за време и после неа. Дефинитивно, Азербеџан се наоѓа во групата на земји со стабилна економија, богата со енерго носители (нафта и природен гас), успешно извршена диверсификација на економијата во последната деценија и растеретување на нафтениот сектор развивајќи ги и другите гранки на економијата. На тој начин симнувајќи се од таканаречената нафтена игла и зависноста на дрќавната економија од петродоларите. Раководството на државата успешно ја води дрќавата напред и ги развива другите сектори на економијата, стимулирајќи изградби на производствени капацитети за различни видови на прехрамбени или индустриски производи, развивајќи ги регионите и руралните подрачја, градејќи инфраструктура, патишта, хотели, туристички објекти, гасификација и електрификација на најдалечните делови на земјата и со тоа подигајќи го нивото на животот во земјата. Значи Азербеџан не зависи повеке само од нафтата, и не е повеќе сконцентриран само на таа индустрија, туку сега успешно работат останатите индустрии кои ја полнат државната каса и даваат економска сигурност, многу нови работни места и социјална стабилност. Со исклучок на некои сектори кои претходно ги спомнав, останатиот дел од индустријата успешно работи и создава позитивна економска клима во овие тешки времиња. Дрќавата ги субвенционира и ги помага загрозените сектори и се труди да ги одржи во живот сите економски субјекти во земјата, било да се тоа големи, средни или мали фирми или бизниси.
Ова е втор пат од осамостојувањето воено да се решаваат проблемите меѓу Ерменија и Азербеџан. Во првиот судир имаше многу жртви, каква е сега состојбата?
-Секоја војна е крвава и носи жртви, како на едната така и на другата страна. Јас не познавам војна без жртви, па секако дека и оваа војна ќе однесе голем број на млади животи. Огромна штета е што е тоа така, секој живот е драгоцен, но самиот збор војна значи жртви и изгубени животи. Се надевам дека што поскоро овој конфликт ќе изнајде политичко решение во најкраток можен рок и ќе престанат воените дејствија а воедно и човечките жртви. Што би сакал да издвојам овде е ракетирањето на мирните жители во Гања (втор град по големина), Барда, Тертер и други населени места од страна на ерменските воени сили од територијата на Ерменија (не од Нагорно Карабах каде што се наоѓа зоната на воените дејствија). Без оправдување, во ноќни часови, кога мирните жители спијат, по овие населени места без воени објекти, беа пуштени ракети и убиени голем број на мирни граѓани меѓу кои голем број на жени и деца. Значи луѓе кои немаат никаква врска со воените случувања. Ова е вандалски и терористички акт кој се надевам ке биде осуден и адекватно санкциониран од страна на одговорните светски организации кои се занимаваат со вакви воени злосторства.
Од различни агенции се добиваат различни информации, но што е суштината на проблемот, како на ова гледаат Азербеџанците?
-Видете, овој конфликт е стар околу три децении и почнат е уште во периодот пред и за време на распадот на Советскиот Сојуз и нешто потоа. Суштината на проблемот е тоа што Ерменија, во тие матни времиња на распадот, кога раководствата на републиките од СССР се бореа за власт и се решаваа внатрешно политички проблеми, има зафатено дел од територијата на Азербеџан (околу 20%). Основа за тоа Ерменците наоѓаат во тоа што во Нагорно- Карабах во тој момент мнозинството, т.е. околу 75% на населението се Ерменци. Успешно го истиснуваат азербеџанското малцинство (околу 40.000) и вршат етничко чистење на регионот. Но проблемот е уште поголем што Нагорно- Карабах е енклава на територијата на Азербеџан и иако таму живееле повеке Ерменци, Карабах физички нема граница со Ерменија. Затоа, тие почнуваат масовна воена кампања и со помош од други сили успешно зафаќаат уште седум региони околу Нагорно- Карабах, убивајќи голем број цивили и вршејќи геноцид на азербеџанското население, како на пример трагедијата во Хоџали во 1992 година. На тој начин се создава буфер зона околу Нагорно -Карабах, и насилно со террор и убиства Ерменија врши етничко чистење и на тие региони и воедно провоцира масовна преселба на азербеџанците од своите земји на преку 750.000 избеглици, кои до денешен ден се расселени по територијата на Азербеџан. За сите овие години вооружените активности никогаш не прекинале, само се менувал интензитетот. Конфликтот во тој дел од земјата продолжува и од страната на Азербеџан беа направени огромни напори проблемот да се реши политички. Нагорно- Карабах и териториите околу него се официјално и меѓународно потврдена територија на Азербеџан, поткрепено со многу резолуции и се општо признати на сите геополитички карти во светот. Раководството на Азербеџан покажуваше воља во текот на целиот овој период, беа направени голем број на обиди да се реши конфликтот политички. Но со доаѓањето на новата власт, на оваа политичка гарнитура во Ерменија, тие напори беа уништени со неколку изјави на политичкиот врв на Ерменија дека Нагорно -Карабах е Ерменија.
Фото: neweasterneurope.eu
Конфликтот ескалираше повторно ова лето, и како резултат на тоа беа преземени воени мерки за ослободување на зафатените територии затоа што сите политички инструменти за сите овие 30 години беа веќе одамна исцрпени. Војни се воделе од памтивека и сеуште се водат во денешно време. За различни цели и по различни поводи, било да се тоа територјални, економски, религиозни или по некој друг повод. Потребно е да се нагласи дека ова не е религиозна војна туку војна за ослободување на територија која припаѓа на Азербеџан. Доказ за тоа е и фактот дека самопрогласената “Република Нагорно Карабах” не е призната од ниедна земја во светот, па дури ни од самата Ерменија, и останува фактот дека раководството на Азербеџан, останувајки без политичка воља од другата страна и одговарајќи на воените провокации од Ерменија тргна во решително контра настапување за конечно решавање на овој конфликт за кој големите сили и медијатори останаа незаинтересирани во текот на сите овие 30 години. Целта е ослободување на зафатените територии, враќање на избеглиците во своите напуштени огништа и повторно развивање на соживот меѓу Азербеџанците и Ерменците во тие територии каде што претходно живееле заедно многу години наназад. За таа цел, раководството на Азербеџан дава гаранција за финансирање и развој на тие територии и прифаќање на сите народи и нации да живеат мирно на територијата на Азербеџан како што тоа сега функционира во државата. Само во Баку моментално живеат околу 30.000 Ерменци.
Азербеџан е мултиетничка држава, како се однесуваат луѓето меѓу себе, сега воваква воена состојба?
-Да, точно е тоа, Азербеџан е мултиетничка, мултикултурна, мултирелигиозна секуларна држава во која живеат голем број на различни нации, народности и религиозни конфесии. Тргнувам лично од себе. Јас живеам во Баку повеке од 22 години, супругата ми е Азербеџанка. Слободно тврдам дека во буквален смисол никогаш не сум имал било какви проблеми со мојата македонска националност и со мојата православна религија. Азербеџан е модерна муслиманска земја и повеќето од народот се муслимани. Ние претставниците на другите нации и религии, имам многу пријатели од други националности кои живеат и работат во Азербеџан, луѓе од бизнисот, индустријата, спортот.., имаме можност слободно да ги практикуваме нашите религиозни или национални традиции и за тоа постојат голем број на православни цркви, католички храм и синагога, вклучувајќи ја тука и ерменската црква во центарот на Баку која е реставрирана и сочувана како споменик. Тоа доволно говори за односот на народот и раководството на земјата према луѓето од други вери и нации и нивните традиции. Со желба и надеж овој конфликт и оваа ковид криза да завршат што побрзо, ги поканувам сите граѓани на нашата држава доколку имаат желба и можност да дојдат во Азербеџан и да ги видат и почувствуваат убавините на оваа земја и овој гостопримен народ.
Весна Миленковска