Ако не престанеме да ја уништуваме природата, ќе не’ уништат нови пандемии – Предупредија научниците – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/20 5:52 PM

Ако не престанеме да ја уништуваме природата, ќе не’ уништат нови пандемии – Предупредија научниците

Пандемиите ќе стануваат се’ почести, ќе се шират побрзо, ќе однесат повеќе животи и ќе му наштетат на стопанството многу повеќе од пандемијата со коронавирусот доколку луѓето не престанат со уништување на живеалиштата што придонесува вирусите да скокаат од животни на луѓе, предупредува едно истражување кое беше објавено денеска.

Заклучоците од студијата покажуваат дека подобрата заштита на тропските шуми може да помогне во забавувањето на климатските промени, но и во спасувањето на многу животински и растителни видови, што само по себе го спречува настанувањето на пандемии во иднина.

Кога делуваме против пандемијата правиме нешто и за климатските промени и за биодиверзитетот, а тоа е добра работа – соопшти  Питер Дазак, зоолог кој учествувал во истражувањето на кое работеле 22 меѓународни експерти. Тие заклучиле дека околу половина од проценетите 1,7 милиони неоткриени вируси во природата можат да ги заразат луѓето.

Активностите како нелегалното тргување со диви животни, ловокрадството или уништувањето на шумите за монокултури ги става луѓето во поголем ризик да бидат изложени на природни патогени. Научниците веруваат дека ковид-19 најверојатно преминал од лилјак на човек на пазар во Кина.

Спречувањето на вакви настани е сто пати поевтино од пандемиите, но владите продолжуваат да се потпираат на борбата против последиците наместо на причините, велат експертите, повикувајќи на поголема меѓународна соработка во областа.

Се проценува дека  борбата со пандемијата со коронавирусот само до јули чинела помеѓу 8 и 16 трилиони долари.

Итражувањето е спроведено од меѓувладината платформа IPBES, во која учествуваат повеќе од 130 земји-членки.

 

Извор:  zimo.dnevnik.hr