Албанија: За двa дена регистрирани 516 земјотреси – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/18 12:30 PM

Албанија: За двa дена регистрирани 516 земјотреси

Во изминатите две деноноќија, од средата, кога во 11:02 часот беше регистриран првиот и најсилен земјотрес со јачина од 5,2 степени, според Рихтер, во Албанија се регистрирани дури 516 послаби потреси. Тоа го соопшти Рапо Ормени од Институтот за сеизмологија во Тирана, додавајќи дека потресите може да траат со денови, но и со недели, што е нормална појава по земјотрес со поголема јачина:

„По земјотресот, почувствуван во средата, чиј епицентар беше во околијата на Драч, регистрирани се 516 потреси, со различна јачина. Од оние „посилните“, еден беше регистриран денеска претпладне во 9:40 часот со јачина од 3,7 степени во подрачјето на Клос, на длабочина од два километра и синоќа 49 минути по полноќ со јачина од 4,3 чиј епицентар е кај Драч“.

И двата последни, како и претходниот, беа почувствувани во западниот дел на Македонија, особено во Дебар и околината.

Потрес со јачина од 3,3 степени, според Рихтер, е регистриран утрово во 03:51 часот на девет километри североисточно од градот Лежа.

Стручните лица од оваа област преку медиумите редовно даваат превентивни совети, како граѓаните да се заштитат при евентуални посилни потреси, за кои веруваат дека нема да ги има.