Македонски јазик и точкa – Преговори за идентитетот ниту имало ниту ќе има, категоричен претседателот Пендаровски – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/20 2:31 PM

Македонски јазик и точкa – Преговори за идентитетот ниту имало ниту ќе има, категоричен претседателот Пендаровски

Ставот е познат, нема никакви отстапки и не може ни да има отстапки од националните и државни интереси. Нема преговори за нашиот идентитет, точка, категоричен беше претседателот Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање околу пишувањето на „Политико“ дека Бугарија понудила компромис да го признае македонскиот јазик и идентитет доколку Македонија ја признае нивната „историска вистина“ дека имаме бугарски корени. Претседателот рече дека нема ваква информација дека такво нешто е воопшто дебатирано, а камоли пак дека е постигнат договор.

Во однос на вчерашните изјави од бугарскиот амбасадор, претседателот вели дека е логично да не можеме да очекуваме друга изјава од официјален претставник на бугарската држава, бидејќи тој вели дека ќе ги застапува нивните државни интереси.

– Меѓутоа од нас не може да очекувате ништо друго освен да ја повториме нашата црвена линија. Не не прашувајте за ставовите на другите држави, прашајте за нашата позиција. Ние тоа сме го кажувале не е лошо уште еднаш да го кажеме, нашата позиција е јасна – преговори за идентитетот ниту имало, ни кога го правевме Преспанскиот договор и кога го потпишувавме немаше, добивме чиста формулација влезена во ОН – Македонски јазик и точка. Од тие позиции ние нема да отстапиме. Безрезервно ќе ги почитуваме и ќе ги браниме, рече Пендаровски.

Претседателот вели е убеден дека бугарските највисоки политички раководители се сигурни дека македонскиот јазик и македонците како нација се реалност и ќе го признаат тоа.