Ланскиот полуфиналист во Лигата на Шампионите, Лајпциг, беше непрепознатлив на гостувањето на „Олд Трафорд“ каде што доживеа дебакл во второто полувреме. Како најзаслужен за ваквиот развој на настаните и високата победа од 5:0 на Манчестер Јунајтед се истакнува младиот англиски репрезентативен напаѓач, Маркус Рашфорд.
Рашфорд на 30 минути до крајот на натпреварот влезе во игра и постигна совршен хет-трик против германскиот претставник. Додавањето од Бруно Фернандес во 74 минута одлично го искористи за да ја отвори својата „сметка“ на мечот, а нецели десет минути подоцна по асистенција на Фред го зголеми водството на Јунајтед на 3:0. Англичанецот во 92 минута по третпат ја протна топката во мрежата на Петер Гулаши и го постави конечниот резултат.
Фудбалерот на Манчестер Јунајтед ионака во на Островот во последно време е во фокусот на јавноста за активностите надвор од терените и хуманитарното делување, а сега и неговото време на зелените терени редно е да биде вреднувано.
Рашфорд е само вториот фудбалер на Манчестер Јунајтед кој постигнал хет-трик влегувајќи од клупа. Единствено пред него на оваа листа е актуелниот негов тренер, Оле Гунар Солксјер кој постигнал четири погодоци во 1999 година против Нотингем Форест. Во ова натпреварување, Рашфорд е петтиот фудбалер-резервист што се запишал трипати во листата на стрелците и само втор најмлад во ова друштво после Килијан Мбапе.
Победата на „црвените ѓаволи“ ги зацементира на првото место на табелата во групата Х со шест поени и гол разлика 7:1. ПСЖ е втор после победата над турскиот шампион во Истанбул. Моисе Кеан со два гола го сруши отпорот на Башакшехир и му овозможи на ланскиот финалист прва победа во новата кампања.
Раниот термин се покажа успешен за другиот англиски претставник кој само ја продолжи непобедливата низа на Англичаните во второто коло во ЛШ, откако Челзи со 0:4 го порази дебитантот Краснодар. Претходно Ливерпул и Манчестер Сити со два, односно три гола и без ниту еден примен гол ги совладаа Мидтиланд и Олимпик Марсеј. Момците на Френк Лампард коректно ги започнаа првите 15 минути од мечот. Вообичаено сигурниот изведувач на удари од белата точка, Жоргињо, по досудениот пенал погоди во стативата и не успеа да донесе рано водство.
Краснодар доби ветер во грб и во неколку наврати сериозно го нападна голот на Едуар Менди. Присебноста на поранешниот голман на Рен и неснаодливоста на навалната линија на Русите, претставуваа причина за непроменливоста на резултатот на семафорот. Акцијата од четири додавања која заврши со егзекуција на Калум Хадсон-Одои во 37 минута, по несмасната реакција на голманот Матвеј Сафонов, во соблекувална го однесе тимот од западен Лондон со минимална предност.
Челзи натпреварот го реши во последните 15 минути преку Тимо Вернер, Хаким Зијеш и Кристијан Пулишиќ, валоризирајќи го налетот и свежината која од клупа ја внесоа замените на Лампард, Абрахам, Маунт и Канте.
Севиља со 1:0 поуспешно се покажа од францускиот опонент Рен, а Лук Де Јонг беше единствениот стрелец за освојувачите на Европа Лига. Од останатите резултати, Борусија Дортмунд минимално преку погодокот на Џејдон Санчо од 11 метри го победи Зенит, а Лацио на гостувањето во Бриж се врати во Рим со само еден бод.
Ференцварош и Динамо Киев имаа по едно полувреме. Украинците водеа успеаа да го прокоцкаат водството од 0:2 на полувреме и тоа во 90 минута кога Боли изедначи на 2:2 и му го донесе првиот бод на унгарскиот шампион после приближно 30 години во ова натпреварување.
Дербито на колото помеѓу трансформираните и млади колективи на Јувентус и Барселона, им припадна на Каталонците. Доколку ВАР-системот не постоеше или бевме во 2017 година, Јувентус не само што ќе ги добиеше три бода од дуелот, туку Алваро Мората против Барселона ќе запишеше хет-трик. Тоа не беше случај, бидејќи трите постигнати гола на шпанскиот напаѓач беа поништени поради недозволени ситуации. Фрустрацијата на домаќините знаеше како да ја искористи Роналд Куман и да издвои важна победа на гостувањето во Торино. Осман Дембеле и Лео Меси од белата точка влегоа во скорерската статистика.