Најмалку три жртви во терористички напад во Франција – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/20 11:29 AM

Најмалку три жртви во терористички напад во Франција

Најмалку три лица се убиени а неколкумина се повредени во напад со нож во црква во Ница, Франција.

Нападот се случил рано утринава во базиликата Нотр Дам во центарот на градот. Неофицијални информации од француските медиуми велат дека жртвите биле и обезглавени.

Како што пренесува „Гардијан“ полицијата го опишала местото на настанот како „визија за хорор“.

Напаѓачот бил застрелан од полицијата и префрлен во болница.

Градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси, изјавил дека напаѓачот повторувал „Алаху Акбар“ повеќепати додека го носеле. Порачал и дека „веќе е доволно“  и дека исламскиот фашизам мора да исчезне од земјата.

Кон местото на настанот тргнал и францускиот претседател Макрон.

Нападот се случува само две недели по обезглавувањето на професорот по историја кој им покажувал на учениците карикатура од пророкот Мухамед при дискусија за слобода на говор.