Парите ќе не убијат а не корона- Музичарот Бобан Мојсовски прележа ковид-19 и уште смета дека сето ова е светски заговор – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/20 11:16 AM

Парите ќе не убијат а не корона- Музичарот Бобан Мојсовски прележа ковид-19 и уште смета дека сето ова е светски заговор

Музичарот Бобан Мојсовски по 15 дена поминати во болница излезе дома и, како што вели, со витаминска терапија се обидува да ги опорави белите дробови и имунитетот кои беа нападнатаи од ковид-19. И покрај се низ што помина Бобан е еден од многуте кој сметаше, и се уште смета, дека короната е светски заговор и дека сето ова низ што поминуваме е пренапумпано. Светот е поделен на оние кои се сомневаат и на оние кои веруваат. Бобан е дел од тие кои се сомневаат, па затоа по неговите Фејсбук статуси многумина го нарекуваа и „отец Мојсо“. ММС го контактираше, бидејќи и по излегување од болница тој повторно на Фејсбук пишува: „Луѓе, ќе не угушат. Ова не е за прифаќање. Маска на отворено?!“.

Пред да заглавиш во болница постојано пишуваше дека ова е светски заговор. Потоа објави дека си заразен со ковид-19, помина 15 дена во болница и сега повторно имаш статус против мерки, против пренапумпаност на бројки,против..?

-На дел од моите постови сум кажал, но повеќето се дека можеби има грип, но дека е толку опасен за да не затворат, не верувам дека е. И сето мое размислување се базираше на изјавите од министерство за здравство дека од голем број заболени повеќето се асимптоматски. И нормално логички би размислувал дека не е опасно и не е смртоносно. И со факт се докажува дека не е смртоносно, бидејки од мое искуство, од она што го видов додека лежев во болница, е дека луѓето умираат од бронхопневмонија, која се предизвикува и од друг вид на грип.

Колку време беше во болница и што виде таму?

-Бев 15 дена во болница, бидејки претходно седев дома со температура. Пет дена имав најмногу 38/5 и ме натераа да одам во болница, каде ми рекоа дека не ми се спуштило на бели дробови. Во консултација со докторите додека лежев таму сватив дека голем дел од нив и самите не знаат што е ковид-19 и дали тој ги предизивкува сите овие респираторни болести, кои се јавуваат кај сите пациенти кои лежат во болница. Во секој случај, сакам да им се заблагодарам на сите здравствени работници, кои се грижеа за мене додека лежев во болница. Мое мислење од сето што го видов е дека нема доволно трудови околу ковид-19 и дека очекуваат во наредниве години да се испита, што е сето ова што се случува. И кога ќе се навратам на моите постови, со право сум пишувал и сум се сомневал, дека ковид-19 е болест која е смртоносна. Напротив дека е грип кој напаѓа слаб имунитет. Што не значи дека и другите грипови претходно, од моето 45 годишно животно искуство, не биле такви. И се уште мислам и тврдам дека ковид-19 е светски заговор за кој сум уверен дека 70 проценти од популацијата е уверена во истото, но сепак, ќе препорачам на сите – сезона на грипови е, хранете се добро, чувајте се, затоа што владеат разни грипови.

Како те зарази и кои ти беа симптомите?

-Последниот викенд пред да се заразам имав пет дена по ред настапи, што во Скопје, што надвор од Скопје и некако бев преуморен, слабо се хранев и легнував доцна, односно рано во утринските часови. Сето тоа, сигурн сум дека придонесе за пад на мојот имунитет и претпоставувам дека во многу контакти со луѓе сум закачил вирус, кој понатака, по моето тестирање, од ЦЈЗ ме информираа дека сум заразен со ковид-19. Пред да ми закаже матичниот лекар тестирање, имав неколку дена температура и ми препорача терапија со сумамед. Пред да отидам во болница пет дена пиев сумамед и апчиња за температура но, температурата не се симна, туку варираше. Паѓаше и се зголемуваше. По пет дена се јавив во болница и ме задржаа. Ми рекоа дека  имам лоша крвна слика и дека градите се во лоша состојба. Бидејки шест дена пиев сумамед, во болница ми сменија терапија со други антибиотици и витамински инфузии. Меѓу другото и лек против згрутчување на крвта.  По 15 дена ме пуштија и сега сум дома и се чувствувам супер.  Сега примам само витаминска терапија за подобрување на имунитетот.

И повторно почна да пишуваш дека е ова светски заговор и стоп за мерките, меѓи кои маски на отворено?


-Бидејќи треба да дишеме воздух а не да се гушиме во маски. Тоа е природно. Не сум протви сите мерки, но овие кои се нелогични треба под итно да се отфрлат. А за светскиот заговор има многу за кажување. Јас не пишувам од сега, туку пишувам веќе 10 години наназад на мојот Фејсбук за тоа кој го врти светот и што му се подготвува. И сето тоа е библиски поддржано.

На пример..?

-Дека новиот светски поредок и водството на папата и Ватикан се библиски пророштва. Чипувањето на човечштвото е библиско пророштво. Една власт, еднен закон и една религија на ниво на цела планета е библиско пророштво. А што на ова ќе мислат семејствата кои изгубиле свој близок, кој претходно немал други коморбидитети, но не успеале да го спасат човекот дури и со крвна плазма. Деновиве низ Фејсбук има повеќе апели за донирање на плазма за спас на млад живот?

-Пред се сочуство за тие кои изгубија близок. Како што кажав претходно ковид-19 постои и напаѓа слаб организам. Но, сигурен сум дека голем дел до тие смејества не веруваат дека нивниот близок починал само како последица на  ковид-19. Но, се надевам дека во иднина ќе се откријат многу работи и дека сето ова нема да остане мистерија.

А до тогаш, додека, како што велиш,  се открие што, според тебе, ние треба да правиме? Луѓето се поделени на оние кои веруваат и почитуваат мерки и на оние кои не веруваат и не почитуваат мерки или ги почитуваат делумно, колку да не бидат казнети?

-Пак ќе кажам, како и во минатото така и сега, секој човек треба да мисли на своето здравје, да се храни добро да спортува и да чита Библија, бидејки по стиховите на Павле –Бог ни остави оружје против секое светско зло а тоа е молитва и читање на словото.

Кога некој ќе го прочита ова ќе мисли дека и ти си од оние кои велат Бог или Алах или не знам.. ќе ги излечат, а не лекарите?

-Не мислам така, затоа што има стихови кои велат не го предизвикувај својот Бог. Не можеме да се фрлиме од мост и да мислиме дека Господ ќе не спаси, туку да не се приближуваме до ивицата за да не паднеме. На ова само можам да додадам – здрав разум и здрав живот, пред се да не трчаме во погрешен правец, односно да не трчаме по пари и слава. Тоа само ќе не убие.